Клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград ќе го обжали одбивањето регистрација на истоименото здружение
- Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград соопшти дeка им била одбиена регистрација откако на 7 февруари во Агенцијата за регистрација во Благоевград ги доставиле документите за основање на истоименото здружение.
Скопје, 12 февруари 2023 (МИА) - Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград соопшти дeка им била одбиена регистрација откако на 7 февруари во Агенцијата за регистрација во Благоевград ги доставиле документите за основање на истоименото здружение.
-Ова одбивање ќе го обжалиме пред судот, се вели во пораката испратена до медиумите и потпишана од Атанас Мазнев, пренесува Бугарската новинска агенција (БТА)
Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ - Благоевград беше отворен по приватна иницијатива на крајот на октомври, а неодамна беше скршено стаклото на клубот и приведени четири лица ов врска со инцидентот.
Целите на здружението декларирани од клубот се: „културна комуникација меѓу народите и земјите од Балканот, за мир и добрососедство, како и поддршка на универзалните човекови права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата“.
-На 10 февруари добивме решение за одбивање, што значи дека на нашето здружение му е ускратена легитимноста. Сметаме дека ова одбивање е непринципиелно. Во одбивањето е цитиран единствен правен текст - од Уставот на Република Бугарија - чл. 12, ст. 2, дека здруженијата на граѓани не можат да поставуваат политички цели и да вршат политички активности, кои ние, како што може да се види од горенаведените цели, не само што сме ги запазиле, туку и дополнително сме напишале експлицитно во статутите дека нашето здружение нема за цел вршење политичка дејност. Сепак, имаме одбивање за регистрација, се наведува во пораката. хс/цр