• сабота, 06 декември 2025

Климатските промени се само сегмент во намаленото земјоделско производство

Климатските промени се само сегмент во намаленото земјоделско производство

Охрид, 3 јуни 2025 (МИА) - Климатските промени се само еден од сегмените за намалување на земјоделското производство. Проблемот е структурно посериозен, сметаат дел од учесниците на 25. форум за земјоделска политика, што денеска и утре се одржува во Охрид во организација на Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Државата, како што истакна државниот секретар во Министерствот за земојделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, се обидува да се справи со климатските промени и како до поквалитетно земјоделство, нормална продукција и заштита на земјоделските производи.

- Како држава сме ориентирани пред се на производство на земјоделски производи, но сите дефицити треба да ги увеземе. Сепак тој сооднос на произведеното и увезеното е исклучителен важен, бидејќи на тој начин ние даваме поддршка на македонскиот земјоделец. Така ќе можеме да ги мотивираме и младите и останатите да продолжат со оваа земјоделска дејност, која е добра професија и особено значајна за мала држава како Македонија, рече Серафимовски.

Најмногу погодени од климатските промени, според него, се централниот и источниот дел од државата, зголемени температури, сушни периоди, мало количество дожд, недоволната концентрација вода во акумулациите за наводнување на земјоделските површини...

Професорот од земјоделскиот факултет во Скопје, Ордан Чукалиев, смета дека земјоделството во земјава е многу расцепкано, а голем проблем е и просечната старост на земјоделецот.

- Климатските промени се само еден од сегмените, ние имаме структурно посериозни проблеми во земјоделството. Прво сме силно расцепкани, нашата просечна фарма е два хектари, што е малку за да живееш од нејзе, тоа не е економски профитабилно стопанство. Втор проблем е возраста. Во 2015 година возраста на просечниот македонски земјоделец беше 56 години, од тогаш многу малку млади влегуваат во секторот, сега нашиот просечен земјоделец е постар од 60 години, вели Чукалиев.

Но, најголем проблем, според него, е образованието.

- Ако погледнете по структурата на вработени во земјоделскиот сектор и колку од нив имаат било какво формално образование од областа на земјоделството, тоа е помалу од 0,1 отсто. Најголем дел од македонските земјоделци се со незавршено или завршено основно образование. Прво мораме да си ги решиме структурните проблеми, а потоа и како можеме да го унапредиме производството во Република Македонија, рече Чукалиев.

И генералниот секретар на постојаната работна група за регионален рурален развој во Југоисточна Европа, професорот Бобан Илиќ смета дека климатските промени не се првенствен фактор кој влијаат на намалувањето на производството и земјоделските површини.

- Земјоделскиот сектор не е атрактивен за млади луѓе, профитната маржа или обезбедување основна живеачка е дискутабилна. Процесот на иселување и стареењето на руралната популација. Имаме напуштање на селата. Тоа не е својствено само за Македонија, тоа е европски тренд, вели Илиќ, нагласувајќи дека е потребна регенерација на руралните региони, за што во повеќе земји во Европа се основаат и посебни министерства кои работат на проблематиката.

За заштита од климатските промени, нагласи тој, можеме само да се прилагодуваме. Една од мерките, која била посочена на форумот, и се применува во Европа се агриволтаиците, од кои би имало двојна корист, од производството на земјоделски производи и од производството на електрична енергија. Агриволтаиците се класични фотоволтаици, кои се поставуваат над земјоделските површини.

- Агриволтаиците ќе бидат за заштита на земјоделските производи од град, суша, снег. Би било доста интересно да се размислува во наредниот период за да се искористат европските практики и да се имплементираат и кај нас. Ние немаме законска регулатива, кај нас има само поставување фотоволтаици на земја и на кровови. Во Европа е тренд и треба да се воспостави ваква позитивна пракса, истакна Серафимовски.

Инвестициите во агриволтаици, Илиќ смета дека ќе овозможат заштита на земјоделските површини, а истовремено и производство на електрична енергија од сонцето.

- Во исто време произведувате струја и имате заштита на земјоделското производство. Но тука проблем е големата бирократска процедура и добивањето дозволи. Инвеститорите на крај ќе се откажат чекајќи дозволи и одлуки. Во тој дел треба да се направат јасни и брзи процедури, истакна Илиќ.

На Форумот за земјоделска политика (APF), учествуваат 100-тина експерти од во Југоисточна Европа и Молдавија да дискутираат за клучните проблеми и можности кои го засегаат земјоделското производство во регионот. сс/цр

Фото: МИА

Остани поврзан