• петок, 05 декември 2025

Клековски: Формирана е работна група за следење на напредокот при лекувањето на пациентите од Кочани (ДПЛ)

Клековски: Формирана е работна група за следење на напредокот при лекувањето на пациентите од Кочани (ДПЛ)

Скопје, 5 јуни 2025 (МИА) – Формирана е работна група за мониторинг на напредокот на пациентите, составена од лекари од различни клиники кои учествувале во приемот на повредените и знаат во која состојба биле примени повредените и можат да направат најсоодветна проценка, информираше директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски на денешната трибина „Кочани е нашиот приоритет“.

Клековски нагласи дека ова е процес кој нема да има крај и ќе се одвива циклично на неколку месеци и дека досега се оценети околу 160 повредени, а недостасуваат уште околу 15 повредени кои во моментот не биле достапни во Кочани, но се во комуникација и ќе бидат вклучени. 

-Тие ќе прават во бранови оценки на напредокот, за да се види дали, како конзилијарен тим, дали напредокот кај повредените е добар и на добар пат. Така што откако ќе заврши овој круг, за еден-два месеци ќе има нов круг на постојана контрола на напредокот, од сите страни, и од страна на пластична хирургија и од страна на физикална терапија и од страна на пулмологија и така натака, изјави Клековски.

Во проценка на состојбата и е текот на рехабилитацијата на пациентите, Клековски рече дека се вклучени и физијатри, појаснувајќи дека во Кочани има два физијатри и четири физикални терапевти за тие 46 пациенти. Во меѓувреме, рече, е формиран пул од 15 физијатри и шест физикални терапевти од Клиниката во Козле за физикална терапија и од „8 Септември“ и тие ќе бидат на располагање, на испомош на Општата болница во Кочани.

Директорот на ФЗО ја потенцира и обемноста и комплексноста на испраќањето на пацинетите на лекување надвор од земјава од логистички аспект.

-Испративме 116 пациенти во над 20 земји во преку 30 болници - логистичка операција каква што во Македонија многу тешко се организира и не знам дали некогаш сме организирале, надвор од воените конфликти и бегалските кризи, и нормално е кога се враќаат назад некаде да има проблеми, смета тој.

Здравствена операција од тој обем, нагласи Клековски на трибината „Кочани е нашиот приоритет“, не сме имале претходно, појаснувајќи дека еден од проблемите бил поради недоразбирање кај дел од болниците, кои не биле информирани дека сметките ќе бидат подмирени од соодветните влади.

- Па бараа од пациентите да платат. Ама, тоа ако некој благајник во некоја болница не бил информиран не значи дека е катастрофа, со соодветна комуникација преку амбасадите се разрешувале сите такви прашња и ниту еден повреден не бил оставен повеќе од неколку часа и да чека во болница или на аеродром заради вакви недоразбирања, појасни Клековски. 

Само за перспектива колку ФЗО одвојува за лекување на пациентите, Клековски, рече дека една интервенција со плазма збогатена со тромбоцити кај нас е околу 200 евра, а досега лекувањето на 16 повредени кои се третираат со ваква терапија во болницата Св. Наум Охридски чинело по околу пет илјади евра по пациент. 

-Ова се некаде од прилика износи, а имам спомнато на претходни настапи дека досегашните лекувања во странство што сме ги платиле од Фондот минатите години биле од 150 до 200 илјади евра по пациент, изјави Клековски. 

Во однос на информациите од пациентите и семејствата за тоа што не е направено доволно и дали се сретнал за лично да им објасни и слушне што е тоа што треба дополнително да се направи, Клековски рече дека се обидува да комуницира со сите незадоволни.

-Дали може да квантифицираме колку се незадоволни, колку се задоволни. Мене ми е впечаток дека до медиумите стигаат исклучиво гласовите на незадоволните, а се тивки задоволните. Како и да е, сите незадоволства се обидуваме да ги таргетираме... сме во комуникација со надлежните, за мене се надлежни директорите на болниците, мора да имаме хиерархија, јас не можам да одам и да решавам поединечни случаи, наша работа е болниците и здравствените установи да функционираат како што треба и работиме на тоа, изјави Клековски.аа/вг/

Фото: Влада

Остани поврзан