Клековски: До петок ќе биде објавена годишната набавка на лекови од биолошката терапија, ќе има стабилно снабдување оваа и почетокот на следната година
- В.д. директорот на Фонд за здравствено осигурување Сашо Клековски денеска во однос на недостатокот на биолошката терапија на Клиниката за радиотерапија и онкологија, информираше дека само еден лек е во дистрибутерска дефектура, а очекува до петок да биде објавена годишната набавка на лекови. Тој е на ставот дека ќе се обезбеди стабилно снабдување на пациентите со потребните лекови во текот на годината и почетокот на следната година.

Скопје, 5 март 2025 (МИА) - В.д. директорот на Фонд за здравствено осигурување Сашо Клековски денеска во однос на недостатокот на биолошката терапија на Клиниката за радиотерапија и онкологија, информираше дека само еден лек е во дистрибутерска дефектура, а очекува до петок да биде објавена годишната набавка на лекови. Тој е на ставот дека ќе се обезбеди стабилно снабдување на пациентите со потребните лекови во текот на годината и почетокот на следната година.
-Во однос на општата состојба на Онкологија, ми се чини дека само еден лек е во дистрибутерска дефектура и тој се работи со дистрибутерот, односно се чека да се реши со произведителот. Очекувам дека до петок ќе биде објавена годишната набавка на лекови, при што ќе имам можност заедно со директорот Игор Стојковски да ја промовираме. Ова ќе биде многу позначајно од досегашните набавки и ќе обезбеди стабилно снабдување во текот на годината и почетокот на следната година, изјави денеска Клековски пред почетокот на предавањето „Карцином на дојка“ што се одржува во Скопје, во организација на ХЕМА-ОНКО.
Прашан за предвидениот буџетот во однос на примарни и секундарни реконструкции на дојка на пациентите со рак на дојка, Клековски рече дека се предвидува заеднички буџет за Клиника за торакална хирургија и Клиника за пластична хирургија, а таргетот ќе биде 120 до 150 операции годишно.
-Во оваа година предвидовме заеднички буџет за двете клиники - Клиника за торакална хирургија и Клиника за пластична хирургија, за примарни и секундарни реконструкции на дојка. Таргетот е 120 до 150 операции годишно, а во финансии ќе бидеме флексибилни во зависност од тоа колку пациенти ќе се појават, изјави Клековски.
Како што подвлече, потребата ова да се стави на условен буџет е да не се префрлува топката на чија одговорност ќе биде овој зафат, туку да се овозможи директно плаќање кон потребите на пациентите.
-Потребата да го ставиме ова на условен буџет е да престане префрлувањето на топка на чија одговорност е овој зафат и да овозможиме плаќање директно кон потребите на пациентите. Ова е дел од тоа што го разговарам во хема-онко планот, бидејќи и оваа услуга не е естетска услуга, туку е дел од севкупниот третман на болните пациентки со рак на дојка, рече Клековски.бт/са/
Фото: МИА