• недела, 22 декември 2024

Клаудија Шејнбаум инаугурирана како прва жена претседател на Мексико

Клаудија Шејнбаум инаугурирана како прва жена претседател на Мексико

Мексико Сити, 2 октомври 2024 (МИА) – Клаудија Шејнбаум вчера беше инаугурирана како прва жена претседател на Мексико, наследувајќи го нејзиниот ментор, левичарскиот популист Андрес Мануел Лопез Обрадор.

- Време е за промени, а време е и за жени, рече Шејнбаум во Мексико Сити по нејзината церемонија на полагање заклетва.

Мексиканската претседателка (62) се заблагодари на својот, како што го нарече, „харизматичен“ претходник, чија популарност и помогна да дојде до чиста победа на изборите во јуни.

- Беше чест да се борам со тебе, му рече таа на Лопез Обрадор.

На инаугурацијата присуствуваа голем број високи дипломати и претставници, меѓу кои и шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел и Џил Бајден, првата дама на САД.

Шејнбаум, прва претседателка на земјата со еврејско потекло, планира да ја продолжи програмата на Лопез Обрадор, вклучително и неговите социјални трошоци и проширување на железничката мрежа, истовремено следејќи ги сопствените приоритети.

Сепак, нејзината прва задача е да се справи со вонредната состојба предизвикана од природните непогоди. Таа денеска треба да го посети Акапулко во јужната држава Гереро, каде ураганот Џон уби десетици луѓе и остави големи области под вода.

Други значајни прашања со кои се соочува новата администрација се моќните нарко-картели во земјата и тензиите околу миграцијата и трговијата со САД, северниот сосед на Мексико.

Поранешна физичарка и научник за клима, Шејнбаум ја има поддршката на партијата Морена на Лопез Обрадор, која ги контролира двата дома на мексиканскиот конгрес.

Таа претходно беше градоначалничка на Мексико Сити и придонесе за два извештаи за Меѓувладиниот панел за климатски промени, тело на Обединетите нации за проценка на науката за животната средина во врска со климатските промени. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан