Кларинетистот Благој Ламњов одржа прв солистички концерт во неговиот Велес
- На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов–Џинот“во Велес синоќа прв солистички концерт имаше Благој Ламњов, велешкиот и афирмиран македонски кларинетист кој живее и твори во Шведска. Благој Ламњов настапи со композиции од неговиот албум „Носталгична љубов“ во придружба и со солистичка изведба на гитаристот Петер Тегнер од Шведска, како и со заеднички настап на Народниот оркестар-Пријателите на Благој од детството кои ја воодушевија публиката.
Велес, 4 јуни 2024 (МИА) - На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов–Џинот“во Велес синоќа прв солистички концерт имаше Благој Ламњов, велешкиот и афирмиран македонски кларинетист кој живее и твори во Шведска. Благој Ламњов настапи со композиции од неговиот албум „Носталгична љубов“ во придружба и со солистичка изведба на гитаристот Петер Тегнер од Шведска, како и со заеднички настап на Народниот оркестар-Пријателите на Благој од детството кои ја воодушевија публиката.
Благој Ламњов трипати беше враќан на сцена по што тој на крајот изведе и композиција на бис со велешкиот Народен оркестар- Пријателите на Благоја од детството: Мамер Абединов на тамбура, Филип Арилон на гитара и кавал, Владимир Велков хармоника и Трајче Ристовски на тапан.
Благој во април го снимил и своето второ це-де „Носталгична љубов“ два, кое ќе го објави наесен. Тој пред својата домашна велешка публика од новиот албум ја изведе композицијата „Безимена“ како и „Flamengo Macedonia“ кои ја воодушевија публиката. Освен на кларинет, тој на концертот настапи и на клавир со познати композиции од Тоше Проески и други познати автори.
Воедно за цело време на концертот Благој омуницираше со публиката, во која беа и голем број негови пријатели, другари, како и играорците од КУД „Керамичар“ со кои порано свирел во оваа културно уметничко друштво, а во кое пееше и неговиот татко Трајче Ламњов.
Во овој концертен амбиент, македонско-шведскиот кларинетист Благој Ламњов ги помести границите на инструментот кларинет, мешајќи го македонскиот фолклор со сензитивноста на западната класична музика. Под влијание на двата музички жанра, зачинет со префинета сензитивност, музичкиот стил на Благој понуди концертно доживување полно со емоции, една подлабока средба со кларинетот, како и поблиска музичка слика за Македонија, создавајќи мост помеѓу стариот и модерниот свет.
-Кога отидов во Шведска видов дека сите во своите класични композиции како автори вметнуваат и елементи од својата традиција.Така јас решив да направам аранжман за кларинет на прекрсна велешки и македонски песни,кои насекаде каде настапувам во светот многу и се допаѓаат на публиката и будат емоции, појасни Ламњов.
Од шведските учители научил дека секогаш треба да ги согледува сопствените грешки, да учи од нив и да ги надминува за да дојде до совршеност.
Благој ја информира публиката дека неодамна имал мал концерт во старата концертна сала во Стокхолм во Шведска на кој имало шведска и македонска публика - наши иселеници.
По концертот Благој во фоајето на театарот разговараше со публиката и пријателите.
Од присутната публика со воодушевување изјавија дека ваков концерт во Велес немало со децении и дека долго ќе се памети, а видео снимките долго ќе се прегледуваат на социјалните мрежи.
Благој Ламњов информира дека по реакциите на концертот во Велес одлучил во следната 2025 година да има турнија низ македонските градови.
По овој концерт во родниот Велес, Благој Ламњов на 5 јуни во 19 часот ќе настапи со солистички концерт во Офицерскиот дом во Битола.
Благој Ламњов е истакнат македонски кларинетист кој живее во Шведска. Препознатлив е по неговото исклучително емотивно музицирање и уникатен стил на изведба на македонска фолклорна музика. Благој е класично образован кларинетист во Шведска, Америка и Македонија. Настапил во половина Европа, Кина, Јапонија, Америка и Канада. Во Шведска вообичаено е ангажиран во операта на Малме, некогаш и седум месеци во годината.ад/
Фото: МИА