КИЦ Битола со јавен повик за снимање кратки филмови
- ЈОУ Културен и информативен центар Битола со нова креативна иницијатива ги анимира младите битолчани од основните и средни училишта преку создавање кратки филмови да ја искажат својата креатива идеја.
Битола, 30 јануари 2025 (МИА) - ЈОУ Културен и информативен центар Битола со нова креативна иницијатива ги анимира младите битолчани од основните и средни училишта преку создавање кратки филмови да ја искажат својата креатива идеја.
Пред идните сниматели, режисери и сценаристи или актери поставен е предизвик да снимат краток филм со времетраење до 3 минути, користејќи се со мобилен телефон, на тема туристичка промоција на Битола, екологија и слободна тема. Најдобрите остварувања ќе бидат прикажувани секоја прва сабота од месецот, во кино „Манаки“.
- Со новата иницијатива го продолжуваме делото на браќата Манаки и ја потикнуваме креативноста кај младите, како и можноста да искажат своја идеја или став, соопштија од КИЦ Битола.
Најдобрите кандидати ќе бидат дел од наредната фаза на иницијативата во која се вклучени обуки и други можности за усовршување на талентот. мт/мд/
Фото: КИЦ Битола