• понеделник, 12 јануари 2026

Кисела Вода со целосно ангажирана механизација за безбедно одвивање на сообраќајот

Кисела Вода со целосно ангажирана механизација за безбедно одвивање на сообраќајот

Скопје, 11 јануари 2025 (МИА) - И вечерва целосно е ангажирана механизацијата на територијата на Општина Кисела Вода, со цел навремено и ефикасно справување со зимските услови и одржување на безбедноста на сообраќајниците во овој дел на градот. Се спроведуваат активности за посипување со сол и ризла, како превентивна мерка против замрзнување на коловозите и за овозможување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, информираат од Општината. 

Кризниот штаб на Општина Кисела Вода, велат оттаму, е во целосна функција и континуирано ја следи состојбата на терен, при што ја координира работата на сите надлежни служби.

-Особено внимание е насочено кон повисоките населени места, како Припор и Теферич, каде поради конфигурацијата на теренот постои зголемен ризик од замрзнување на коловозите и задржување на снег. Механизацијата и дежурните екипи се постојано присутни на терен и интервенираат согласно потребите, со јасна цел да се обезбеди безбедно и непречено движење за сите учесници во сообраќајот, се вели во соопштението од Општина Кисела Вода.

Во него се додава дека остануваат посветени на грижата за своите жители и ќе продолжи да реагира одговорно и навремено во сите временски услови. Од Општината упатуваат апел до граѓаните за зголемена внимателност при движењето и почитување на сообраќајните препораки.

Од Општина Кисела Вода информираат оти за пријава на проблеми поврзани со зимските услови, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 075/428-262  и 078/383-746. сст/дма/

 

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан