• понеделник, 02 февруари 2026

Кисела Вода: Почна заедничката екоакција со ЈП „Паркови и зеленило“

Кисела Вода: Почна заедничката екоакција со ЈП „Паркови и зеленило“

Скопје, 2 февруари 2026 (МИА) - Од улицата Коперникова во населбата Драчево почна сеопфатната теренска интервенција за чистење и уредување на јавните зелени површини, што Општина Кисела Вода од денеска ја реализира во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ под ингеренции на Град Скопје, информираат од Општината.

На денешниот настан присуствуваа градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Муамер Сефери, кои заедно ја следеа и ја поддржаа теренската интервенција во согласност со нивната неодамнешната работна средба, на која беше договорена зајакната соработка со фокус на подобрување и одржување на јавниот простор.

Преку Секторот за месна самоуправа и социјална заштита се спроведува еднонеделна екоакција, коај опфаќа собирање лисна маса, расчистување паднати гранки и отпадоци, кастрење суви дрвја, како и уредување на јавните тревници и појасите со тревна вегетација во сите урбани и месни заедници.

Активностите се одвиваат во согласност со претходно изработен план на општинските служби, дополнет со пријавите и барањата од жителите. На терен се ангажирани целокупната механизација и екипите на Општина Кисела Вода и ЈП „Паркови и зеленило“, а опфатени се парковите и јавните зелени површини на територијата на општина Кисела Вода. Вакви теренски зафати, доколку дозволат временските услови, ќе се одвиваат во текот на целата недела.

- Оваа недела во соработка со ЈП„Паркови и зеленило“ интензивно работиме на чистење и уредување на парковите и јавните зелени површини во Кисела Вода. Ангажирани се целокупната механизација и теренските екипи, а се врши собирање на лисната маса, расчистување отпадоци, поткастрување и отстранување суви дрвја, како и уредување на јавните тревници. Со овие зафати директно ги подобруваме изгледот и хигиената на јавниот простор. Целта ни е секое маало да биде почисто и поуредено, а ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период. Воедно, апелирам до граѓаните да се вклучат со одговорно однесување и заедничка грижа за животната средина - вели градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Утре акцијата продолжува на улиците Народни херои и Пушкинова. сст/вј/

Фото Општина Кисела Вода

Остани поврзан