• недела, 22 декември 2024

Кипар ќе испрати хуманитарна помош за Либан

Кипар ќе испрати хуманитарна помош за Либан

Атина, 9 октомври 2024 (МИА) – Министерството за здравство го разгледа барањето на Владата на Либан, придружено со соодветни каталози на производи, за обезбедување фармацевтска помош и потрошен материјал за справување со хуманитарната криза како резултат на тековната војна. Владата денеска ја одобри хуманитарната помош што ќе се испрати, соопшти портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.

По завршувањето на владината седница, Летибиотис информираше за донесените одлуки, меѓу кои и за испраќањето хуманитарна помош за Либан во следниот период.

За планот „Естиа“ за репатријација преку кипарска територија на државјани на трети земји од Блискиот Исток, активиран на почетокот на месецов, рече дека досега пристигнале над 2.000 граѓани од 20 земји и процесот се одвивал во соработка со седум држави.

Тој посочи дека веќе подолг период се подготвувале и ги презеле сите мерки, со цел да можат да одговорат на барањата на голем број граѓани кои сакаат да ги искористат предностите на конкретниот план за да можат да се вратат во нивните земји.

- Преземени се мерки за да можат да преноќат и 7.000 лица, имајќи предвид дека повеќето граѓани во нашата земја остануваат неколку часа или само една вечер. Ова, може потенцијално да дозволи поголем број луѓе да бидат сместени неколку часа на Кипар додека да им биде дозволено да се вратат во нивните земји. Како држава го имаме и искуството од 2006 година со многу големи бројки и токму во тој контекст се преземени сите мерки, објасни портпаролот на кипарската Влада. ср/паг/

Остани поврзан