• петок, 05 декември 2025

КИНСИВ ќе соработува со француската БЕА при истраги на воздухопловни несреќи и обука на кадар

КИНСИВ ќе соработува со француската БЕА при истраги на воздухопловни несреќи и обука на кадар

Скопје, 16 септември 2025 (МИА) - Претседателот на македонскиот Комитет за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) Марјан Прпоски денеска во Париз потпиша договор за соработка со раководството на француската Агенција за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (БЕА).

- КИНСИВ продолжува со активности за соработка со сродните институции од Европската унија. Потпишувањето на договорот со БЕА, најголемата институција од областа во Европа, носи огромен бенифит за КИНСИВ, пред се, во делот на истрага на евентуални големи воздухопловни катастрофи, како најголема поддршка. Исто така и за едукација на кадар, за истражителите од КИНСИВ и за надворешните експерти од делот на цивилното воздухопловство во нашата држава, изјави за МИА Прпоски.

Договорот беше потпишан во седиштетето на БЕА во Париз. 

Тој оценува дека по повеќето потпишани договори во изминатите години со центрите за истрага на воздухопловни катастрофи со соседни и земји од ЕУ, како Словенија, Хрватска, Косово... овој договор е круна за натамошен развој и едукација на КИНСИВ, особено во делот на размена на искуства и постапувања во услови на несакани ситуации.

- КИНСИВ продолжува со својот развој, вели Прпоски. 

Во контекст на активностите за соработката и можностите што се отвораат со БЕА и важноста на професионалното постапување и следење на стандардите, посочува дека КИНСИВ во минатогодишната инспекција спроведена од Европската комисија доби највисока оценка за целосна имплементациа на европските стандарди и прописи во спроведување истрага на воздухопловни несреќи. 

КИНСИВ истражува несреќи во кои учествувале цивилни воздухоплови или падобрани и врши задачи поврзани со собирање и анализа на податоци и други задачи поврзани со безбедноста на летот, особено за намалувањето на ризици во воздухопловството и спречување несреќи, сериозни инциденти и инциденти. Цел на техничкото истражување на несреќи, сериозни инциденти или инциденти е подобрување на воздухопловната безбедност. Истражувањето на несреќи и сериозни инциденти нема за цел утврдување на вина или одговорност.лв/са/

Фото: КИНСИВ 

Остани поврзан