• понеделник, 23 декември 2024

КИНСИВ ќе отвори истрага за безбедносниот настан на небото над Скопје

КИНСИВ  ќе отвори  истрага за безбедносниот настан на небото над Скопје

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) - Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) најави дека ќе отвори истрага во врска со безбедносниот настан на небото над Скопје на 7. месецов во кој е избегнат судир на два цивилни авиона.

Претседателот на КИНСИВ Зоран Илиевски за МИА изјави дека веднаш се вклучиле бидејќи станува збор за сериозен инцидент.

-В понеделник влегуваме во М-НАВ и ќе ги направиме потребните разговори, ќе ги преслушаме снимките од разговорите на контролорите со пилотите на авионите, а и ќе ги погледнеме и снимките. Ние не утврдуваме вина, туку причина која довела до ваков инцидент. Исто така, ќе побараме изјави од пилотите на двата авиона преку нивните воздухопловни власти, па ќе ја информираме јавноста. Се друго во моментот ќе биде шпекулација, изјави Илиевски.

Давателот на навигациски услуги М-НАВ, претходно соопшти дека  во пропишаниот рок поднесена е пријава за безбедосниот настан и отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините.

Од М-НАВ потенцираа дека таквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија.

- На 7 септември во 18.30 часот поднесена е пријава за безбедосен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор.  Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за Цивилно Воздухопловство. Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури, наведе М-НАВ во соопштение.

Претходно и од АЦВ за МИА потврдија  постапуваат по настан пријавен од Давателот на навигациски услуги М-НАВ.

-Давателот на навигациски услиги М-НВ уредно го пријави настанот  и АЦВ ќе постапи по истиот,  изјавија од АЦВ.

Порталот СДК.мк, повикувајќи се на сајтот за следење летови Флајтрадар24, објави дека авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18.32 часот.лв/бак/

фото:МИА

Остани поврзан