Кинеското МНР му одговори на Трамп: Смирување на ситуацијата, која е напната и штетна за глобалната стабилност
- „Кина уште еднаш ги повикува сите страни веднаш да ги прекинат воените дејства, да избегнат понатамошно ескалирање на тензиите и да спречат регионалниот конфликт да има посериозни последици врз глобалниот економски развој“, рече тој.
Пекинг, 16 март 2026 (МИА) - Кинеското Министерство за надворешни работи изрази загриженост за напнатата ситуација во Ормуската Теснина по повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до Пекинг да испрати свои бродови за да го обезбедат клучниот воден пат.
Реакцијата дојде само неколку часа по повикот на Трамп.
Портпаролот на Министерството, Лин Џијан, ја опиша ситуацијата како напната и штетна за глобалната стабилност.
„Кина уште еднаш ги повикува сите страни веднаш да ги прекинат воените дејства, да избегнат понатамошно ескалирање на тензиите и да спречат регионалниот конфликт да има посериозни последици врз глобалниот економски развој“, рече тој.
Трамп претходно во интервју за „Фајненшл тајмс“, објавено вчера, изјави дека можеби ќе го одложи планираниот самит со кинескиот лидер Шји Џјинпинг, истовремено додавајќи дека „на Кина ѝ е потребна и помош бидејќи добива 90 проценти од својата нафта преку Теснината“.
Запрашан за изјавата на Трамп, Лин утрово одговори дипломатски. „Дипломатијата на највисоко ниво има незаменлива улога во стратешката насока на кинеско-американските односи. Двете страни остануваат во контакт во врска со посетата на претседателот Трамп на Кина“, рече тој. Портпаролот исто така избегна да одговори на прашањето дали Кина добила официјално барање од САД за испраќање бродови во Ормуската Теснина.
Кина не е единствената земја врз која САД вршат притисок да испрати помош. Трамп во саботата изјави дека се надева оти „Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Обединетото Кралство и други“ ќе испратат поморски сили за да обезбедат навигација низ Теснината, која е практично затворена од почетокот на војната.сд/јт/
Фото: ЕПА