• четврток, 07 ноември 2024

Кина ја обвини Јапонија за „кампања на оцрнување“

Кина ја обвини Јапонија за „кампања на оцрнување“

Пекинг, 31 јули 2024 (МИА) - Официјална Кина ја обвини Јапонија за „кампања на оцрнување“ за време на неодамнешните разговори со високи претставници од САД, Индија и Австралија, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението на Министерството се наведува дека Лиу Џинсонг, директор на Одделот за азиски прашања, на состанокот одржан претходниот ден, му пренел сериозна загриженост на Акира Јокочи, заменик-шеф на мисијата во јапонската Амбасада во Пекинг.

„Лиу истакна дека нападите на јапонските власти врз Кина сами по себе се контрадикторни со политиката на Јапонија за промовирање на стратешки и реципрочни односи меѓу двете земји“, се додава во соопштението.

Во соопштението на Министерството за надворешни работи се наведува дека Кина ја повика Јапонија да престане да дава неодговорни коментари за внатрешните работи на Кина и ја повика Јапонија да престане да договара со „одредени земји“ формирање сојузи што водат до конфронтација.

На состанокот во Токио во неделата, јапонските министри за надворешни работи и за одбрана се согласија да ја зајакнат воената соработка со САД, велејќи во заедничка изјава дека надворешната политика на Кина „се стреми да го преобликува меѓународниот поредок за своја корист на сметка на другите“ и дека таквото однесување претставува „најголем стратешки предизвик“ во Индо-пацифичкиот регион и пошироко.

По американско-јапонските преговори во понеделникот следеше состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Квад: САД, Јапонија, Индија и Австралија. Во заедничката изјава не се споменува Кина, туку се изразува спротивставување на „милитаризацијата со спорни карактеристики и насилни и застрашувачки маневри во Јужното Кинеско Море“.

Во соопштението од јапонската Амбасада се наведува дека на средбата Јокочи ги презентирал ставовите на Јапонија и дал изјави за различни теми поврзани со Кина, без дополнителни детали.сд/

Остани поврзан