Кина упати изрази на сочуство до Ватикан за смртта на папата Франциск
- „Кина е подготвена да соработува со Ватикан за натамошно подобрување на билатералните односи“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Гуо Џиакун, пренесен од британските медиуми.

Пекинг, 22 април 2025 (МИА) - Кинеското Министерство за надворешни работи денеска упати сочувство за смртта на папата Франциск, во кое истакна дека Кина и Ватикан во последните години одржуваа „конструктивни контакти“.
Како што е соопштено од кинеското МНР, засега нема информации кој од Кина би можел да присуствува на погребот на папата, закажан за сабота.
„Кина е подготвена да соработува со Ватикан за натамошно подобрување на билатералните односи“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Гуо Џиакун, пренесен од британските медиуми.
Во октомври минатата година, двете земји го продолжија за четири години историскиот договор од 2018 година за именување католички бискупи во Кина.
Обновувањето на договорот беше потврда за добрите односи меѓу Пекинг и Ватикан и покрај тензиите околу Тајван, кој Кина го смета за своја територија, а со кој Ватикан воспостави дипломатски односи.
Гуо денеска потврди дека договорот со Ватикан за назначување бискупи е „ глатко спроведен“. сд/
фото:МИА архива