• недела, 22 декември 2024

Кина го негира извештајот за тестирање хиперсонична ракета

Кина го негира извештајот за тестирање хиперсонична ракета
Пекинг, 18 октомври 2021 (МИА) - Кина тестираше вселенско летало во јули, а не хиперсонична нуклеарна ракета, како што објави „Фајненшл тајмс“, соопшти денеска кинеското Министерство за одбрана.
Повикувајќи се на петмина луѓе запознаени со темата, „Фајненшл тајмс“ во саботата објави дека Кина тестирала хиперсонична ракета со нуклеарни способности што летала низ вселената, а орбитирала околу светот пред да слета кон својата цел, која ја промашила околу 32 километри. Весникот наведува дека тој подвиг „ја изненади американската разузнавачка служба“.
- Тоа не беше ракета, туку вселенско летало, рече портпаролот на министерството Жао Лиџијан на редовниот брифинг со новинарите во Пекинг, додавајќи дека тоа е „рутински тест“ за испитување на технологијата за повторна употреба на леталото.
Министерството соопшти дека тестирањето е направено во јули, а не во август, како што пренесе „Фајненшл тајмс“.
Како што пренесуваат странските агенции, САД внимателно ја следат кинеската програма за воена модернизација за да ги проценат потенцијалните ризици што ги претставува нејзиниот понаметлив стратешки конкурент. Ова се сметаше за доказ дека кинеската војска е многу понапредна во својата хиперсонична програма за оружје отколку што американското разузнавање претходно претпоставуваше.
Хиперсоничното оружје е особено тешко да се пресретне, бидејќи може да достигне пет пати поголема брзина од звукот.
Во моментов, и САД и Русија работат на хиперсонични ракети. Северна Кореја исто така соопшти дека тестирала хиперсонична ракета во септември.
Американскиот конгресмен Мајк Галагер го гледа извештајот како повик за узбуна и предупредува дека САД во спротивно би можеле да изгубат нова студена војна со комунистичка Кина во рок од десет години. паг/  

Остани поврзан