• недела, 22 декември 2024

Кина ги повика САД да ја поддржат политиката на една Кина за време на состанокот Ванг-Саливан

Кина ги повика САД да ја поддржат политиката на една Кина за време на состанокот Ванг-Саливан

Пекинг, 27 јануари 2024 (МИА) - Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска за време на состанокот со американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан во Бангкок го повика Вашингтон да ја поддржи политиката на една Кина и мирно обединување со Тајван.

Шефот на кинеската дипломатија за време на средбата истакна дека тајванското прашање е внатрешно прашање на Кина и дека неодамнешните избори во Тајван „не можат да го променат фактот дека Тајван е дел од Кина“.

„САД треба строго да се придржуваат до принципот на една Кина и да не ја поддржуваат „независноста на Тајван и да го поддржуваат мирното обединување на Кина“, рече Ванг, цитиран од кинеското Министерство за надворешни работи.

Според Ванг, евентуалното прогласување независност на Тајван би било најголемиот предизвик за кинеско-американските односи, како и најголем ризик за мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец.

Шефот на кинеската дипломатија истакна дека САД и Кина треба да се однесуваат едни со други како еднакви и да не се гледаат со презир, да бараат основа за соработка наместо да ги истакнуваат разликите и искрено да се почитуваат меѓусебно и да не им наштетуваат на основните интереси.

Ванг и Саливан разговараа и за прашањата на Блискиот Исток, Украина, Корејскиот Полуостров и Јужното Кинеско Море.

Тие се согласија соодветно да ги решат важните и чувствителни прашања во односите меѓу САД и Кина, соопшти кинеското Министерство.

Што се однесува на односите меѓу претседателите Си Џинпинг и Џозеф Бајден, соговорниците се согласија дека лидерите на САД и Кина „ќе одржуваат редовни контакти за да обезбедат стратешки насоки за билатералните односи... и добро ќе ги користат тековните стратешки канали на комуникација“, соопшти кинеското МНР. ссм/

фото: пиксабеј

Остани поврзан