• недела, 22 декември 2024

Кацарска оствари работна средба со германската амбасадорка Дрекслер

Кацарска оствари работна средба со германската амбасадорка Дрекслер

Скопје, 2 февруари 2024 (МИА) - Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска вчера одржала работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава, Петра Дрекслер. 

На средбата, како што информираат од Уставниот суд, станало збор за актуелната состојба со пополнетоста на судиските места, за напредокот кој го направи Уставниот суд во изминатите три години во полето на транспарентноста, ажурното решавање на предмети и покрај фактот што Судот речиси 17 месеци работеше на раб на кворум, а останатиот период функционираше без една третина од судиите. 

-Претседателката Кацарска информираше дека во Уставниот суд значително е намален просекот на времетраење на постапките, од девет месеци, на шест месеци, а согласно последните статистички податоци, постапките во Уставниот суд се решаваат во просек за помалку од три месеци, се наведува во соопштението.

Од аспект на надградба на капацитетите на Уставниот суд, Кацарска истакнала дека со сопствени финансии Судот реализирал крупни капитални инвестиции во последните две години со акцент на опремувањето на сервер салата, безбедносни врати, како и просторија за класифицирани информации.

-Амбасадорката Дрекслер констатираше дека СР Германија досега дала поддршка за потребите на Уставниот суд преку германската фондација ИРЗ и најави дека и во периодот кој следува ќе останат истите заложби за заедничка соработка, се наведува во соопштението. 

Германската амбасадорка ја поддржала важната улога на уставните судови за обезбедување на владеење на правото.

-Правната држава е основна тема за пристапните преговори со ЕУ. Од тие причини, работата на Уставниот суд е аспект кој се зема предвид во Извештајот за напредок на земјата од страна на Европската Комисија за Северна Македонија, нагласила амбасадорката Дрекслер.

Таа ги поздравила напорите на претседателката Кацарска за ефикасност и за зајакнување на безбедносните аспекти внатре во Уставниот суд. дма/са/

Фото: Уставен суд

 

 

 

Остани поврзан