Касами ги пофали тетовските пожарникари за 500 интервенции и успешно справување со пожарите
- -Кога има организација, планирање и институционална поддршка, и најголемите предизвици се надминуваат. Ова што се случува во Тетово не е случајност, туку резултат на секојдневна работа за изградба на една функционална, ефикасна и одговорна општина, напиша градоначалникот Касами.
Тетово, 11 јули 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами преку социјалните мрежи информира дека тетовските пожарникари годинава интервенирале во над 500 случаи и ги пофали за успешно спречување на ширењето на пожарите, заштитувајќи го животот, имотот и природата на граѓаните.
Тој денеска одржал средба со тимот на Територијалната противпожарна единица и групата на волонтерски пожарникари.
-Кога има организација, планирање и институционална поддршка, и најголемите предизвици се надминуваат. Ова што се случува во Тетово не е случајност, туку резултат на секојдневна работа за изградба на една функционална, ефикасна и одговорна општина, напиша градоначалникот Касами.
Тој нагласи дека ангажманот на пожарникарите, како професионалци така и волонтери, е јасен доказ дека јавната безбедност не е празен збор, туку конкретен приоритет на општинското раководство.
-Тетово покажува дека доброто управување не се само зборови, туку дело на терен, дополнува Касами, изразувајќи благодарност до сите кои секојдневно придонесуваат во заштитата на заедницата.
Според него, во време кога повеќе региони во државата се соочуваат со бројни пожари, Тетово се истакнува како една од најорганизираните општини во одговорот на природни непогоди. ас/мч/
фото: Општина Тетово