• четврток, 21 ноември 2024

Карванот на СДСМ „Рамо до рамо“ со граѓаните: Добро е што ВМРО-ДПМНЕ ја прифати подадената рака

Карванот на СДСМ „Рамо до рамо“ со граѓаните: Добро е што ВМРО-ДПМНЕ ја прифати подадената рака

Скопје, 8 јуни 2023 (МИА) - Добро е што ВМРО-ДПМНЕ ја прифати подадената рака. Промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ со прифаќање на уставните измени и учество во широка Влада за европски интеграции е добра основа за продолжување на дијалогот, порача денеска од Богданци, генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски на средба со граѓаните во рамки на караванот теренски активности „Рамо до рамо, до победа“.

- Понудивме рака за обединување околу европската иднината на земјата и остварување на уште една стратешка цел, членство во ЕУ. СДСМ како одговорна, државотворна партија повторно покажа државнички капацитет и уште еднаш потврди дека иднината на граѓаните и интересот на државата се на прво место. Добро е што ВМРО-ДПМНЕ ја прифати оваа наша подадена рака. Промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ со прифаќање на уставните измени и учество во широка Влада за европски интеграции е добра основа за продолжување на дијалогот. Во овие историски и важни моменти за државата од исклучителна важност е да продолжиме заедно да работите во интерес на граѓаните и европската иднина на земјата., рече Зечевиќ.

Генералниот секретар на СДСМ потенцираше дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се целосно заштитени и сега треба да се искористи поддршката од стратешките партнери ЕУ и САД и да ја искористиме оваа историска шанса.

- Македонскиот јазик е заштитен во ЕУ исто како и македонскиот идентитет. Со национално единство можеме да го заокружиме овој процес, да ја обезбедиме европска иднина за сегашните и идните генерации заедно, додаде Зечевиќ.

Потпретседателот на СДСМ, Перо Костадинов од Радовиш, каде што беше заедно со Весна Томовска порача дека е добро е што ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски го сменија ставот и не се против измените на уставот, што покажува дека сега има нови околности и потребно е дијалогот да продолжи.

- СДСМ како одговорна партија одново покажа државнички капацитет. Добро е што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ де факто го променија ставот, прифатија уставни измени и прифатија учество во Влада за европска иднина на паритетна основа. Тоа се нови моменти на политичката сцена и нови околности. Исклучително е важно сега дијалогот да продолжи, порача Костадинов додавајќи дека ако ВМРО-ДПМНЕ навистина се подготвени, уште веднаш би се формирале работни групи што би разговарале за уставните измени.

За европските перспективи на земјава говореше е потпретседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска во Демир Хисар, каде беше заедно со Методија Димовски.

-Промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ и прифаќањето на уставните измени како и учество во широка Влада за европски интеграции создава нова шанса. Сега треба дијалогот да продолжи. Членството во ЕУ е стратешка цел на државата, врвен приоритет на генерации македонски граѓани и оттаму, обврска на сите политички субјекти е да се реализира таа национална и стратешка цел, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа посочи дека на граѓаните им е потребна интеграција, а не изолација, европска иднина за сегашните и идните генерации.

На средбата во Богданци говореше и претседателот на партиската Комисија за транспорт и врски Митко Трајчулески, кој се осврна на инвестициите на СДСМ во модерна патна инфраструктура.

Развојот на инфраструктурата во земјата беше во фокусот на обраќањето и на членот на ЦО на СДСМ, Благој Бочварски, кој заедно со Пламенка Бојчевска одржа средба со граѓаните на општина Босилово во рамките на карванот„Рамо до рамо до победа“.

- Со вложувањата во инфраструктурата го подобруваме квалитетот на животот на граѓаните. Преку инвестициите во модерни патишта ги поврзуваме граѓаните, им ја олеснуваме работата на компаниите. Оваа Влада на СДСМ има резултати како ниту една досега, за само шест години реализиравме над 1.400 километри патишта. Граѓаните од југоисточниот дел на нашата татковина тоа сметам дека многу добро го знаат. Со инвестиција од 42 милиони евра направивме нов експресен пат од Струмица до Штип, преку Радовиш. Го обновивме и патот Струмица-Ново Село. Го започнавме најголемиот, најважен и највреден проект во инфраструктурата во историјата на државата, изградбата на коридорите 8 и 10Д со кој Македонија станува главна крстосница на Балканот, истакна Бочварски.

Бочварски нагласи и дека централната власт дава силна поддршка на општините, за проекти кои директно ги подобруваат условите за живот на граѓаните.

- Силната поддршка од Владата кон општините продолжува, даваме неповратни средства за рехабилитација на локалната патна мрежа, проекти од огромно значење за локалните самоуправи и граѓаните. Денеска ги потпишав договорите за рехабилитација на улици во општина Босилово и тоа две улици во Штука и по една во Иловица и во Еднокуќево, нагласи Бочварски пред граѓаните на Босилово.

Во општина Гевгелија беа Славица Грковска и Наумче Мојсовски кои пред присутните рекоа дека сега треба да се искористи шансата, да се донесат потребните измени, за конечно сите политички субјекти ја реализираат стратешката определба за полноправно членство во ЕУ. 

На средби со граѓаните на Струмица беа Борис Тунџев и Боро Еркечов со кои разговараа за сработеното од страна СДСМ во изминатиот период, особено за поддршката на земјоделците.

Во рамки на карванот „Рамо до рамо“ со граѓаните на Кисела Вода беа Тања Томиќ и Филип Даскаловски, кои се осврнаа на мерките и политиките на СДСМ, кои, како што оценија, даваат очигледни резултати и го подобруваат стандардот на граѓаните. сп/

Остани поврзан