• четврток, 25 јули 2024

Каранфилов: Државната комисија за жалби по јавни набавки лани решила 784 предмети од вкупно 837

Каранфилов: Државната комисија за жалби по јавни набавки лани решила 784 предмети од вкупно 837

Скопје, 10 јули 2023 (МИА) – Членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска го разгледаа Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2022 година.

Кирил Каранфилов, претставник од Државната комисија за жалби по јавни набавки истакна дека во текот на 2022 година до комисијата пристигнати се и формирани 967 предмети, од кои 130  се формирани како предмети доставени по постапување на Управен суд / Виш Управен суд, 53 предмети поради некомплетност на документација се префрлени во 2023 година, односно 784 предмети се предмети по кој постапувала Државната комисија за жалби по јавни набавки. Посочи дека од вкупно 837 предмети за работа во текот на 2022 година, решени биле 784 предмети, додека 53 предмети поради некомплетност на документација се префрлени во 2023 година.

Членовите на оваа Комисија од власта и од опозицијата забележаа дека има грешки во податоците во изготвувањето на извештајот од страна на Државната комисија за жалби по јавни набавки и побараа од претставникот да ги коригираат податоците.

Жаклина Лазаревска, член на Комисијата од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нагласи дека во овој извештај има погрешни податоци. 

-На страна 13 од извештајот споредбата што е дадена во однос на бројот на примени оформени предмети во 2019, 2020, 2021 и 2022 година. За 2022 година биле примени 834 предмети, а решени биле 784 предмети, а нерешени биле 53. Ако земете да пресметате со калкулатор, овие бројка од 784 не се 81,08 отсто од вкупно примените, туку се 93,7 отсто. Значи, има грешка во пресметката. Треба да направите корекција на извештајот поради грешките, рече Лазаревска.

Бојан Стојаноски, претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет истакна дека ја задолжуваат Државната комисија за жалби по јавни набавки да достави коригиран извештај барем пред пленарната седница, бидејќи како што рече, истото ќе биде предмет на интерес на пленарната. Посочи дека пратениците пред себе мораат да имаат точни бројки за тоа што ќе го говорат на пленарната седница.фф/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан