• недела, 22 декември 2024

Кан: Повод за налогот за апсење на Путин од МКС е мрачен, не е време за триумфализам

Кан: Повод за налогот за апсење на Путин од МКС е мрачен, не е време за триумфализам

Киев, 20 март 2023 (МИА) – Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, денеска изјави дека Судот мораше да преземе акција против рускиот претседател Владимир Путин за наводните воени злосторства и дека станува збор за еден „мрачен“ повод, а не за момент за тапкање по рамо.

МКС во петокот попладнето издаде налог за апсење на рускиот претседател поради сомневање дека е одговорен за нелегалната депортација на деца и илегално пренесување на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација.

Москва ги отфрла обвинувањата и смета дека налогот за апсење на МКС е неприфатлив, но и бесмислен, потсетувајќи дека Русија не е членка на Римскиот статут, како и многу други држави и не ја признава јурисдикцијата на МКС.

Римскиот статут, со кој во 2002 година беше основан МКС, досега е ратификуван од 123 држави. Меѓутоа, меѓу нив не се САД, Кина, Израел, Пакистан, Саудиска Арабија, Турција и Иран, ниту пак Индија, која е домаќин на состанокот на Г-20 во септември, на кој се очекува да присуствува и рускиот претседател.

-Ова не е момент за триумфализам и тапкање по рамо, рече Кан.

„Навистина станува збор за многу тажен и мрачен повод што судиите на МКС, или на кој било друг суд, почувствуваа дека е неопходно, за првпат било кога, да издаваат налози за апсење на лидер и висок функционер на постојана членка на Советот за безбедност на ОН, додаде Кан.

МКС, во петокот, под истите обвинувања, исто така, издаде налог за апсење на Марија Алексеевна Лвова-Белова, руска комесарка за правата на децата.

Русија никогаш не криеше дека однела илјадници украински деца во Русија како дел од хуманитарната акција за заштита на сирачињата и напуштените деца во зоната на конфликтот.

Украина тврди дека илјадници депортирани украински деца се посвоени од руски семејства, сместени во кампови и сиропиталишта, добиваат руски пасоши и се воспитувани да го одбијат украинското државјанство.

-Велам, вратете ги децата, повторно обединете ги децата. Доколку има вистина во тврдењата дека тоа е во корист на децата, вратете ги во нивната земја на потекло, наместо да им дадете странски пасош, рече Кан. .

Главниот украински обвинител Андриј Костин изјави дека неговата канцеларија почнала истраги за повеќе од 72.000 инциденти поврзани со наводни воени злосторства и дека наскоро ќе потпише договор за основање канцеларија на МКС во Украина. сд/

Остани поврзан