• понеделник, 23 декември 2024

Канонизација на светите Спаса и Спасе Вишенски викендов во Струга и Охрид

Канонизација на светите Спаса и Спасе Вишенски викендов во Струга и Охрид

Струга, 6 јуни 2024 (МИА) - Со воскресна вечерна богослужба во храмот „Свети Атанасиј“ во струшкото село Вишни и измивање на моштите на света Спаса и нивно префрлање во нов кивот (кутија), в сабота попладне ќе почне свечениот чин на канонизација на новите македонски светци Спаса и Спасе Вишенски.

Со богослужбата ќе началствува епископот Антаниски г. Партениј во сослужение со свештеници од Струшкото намесништво. Потоа, како што соопшти Дебарско-кичевската епархија, моштите ќе бидат пренесени во храмот „Света Софија“ во Охрид, каде после вечерната богослужба ќе ги пречека надлежниот арихиереј митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј, кој ќе ги внесе во храмот и ќе отслужи последен парастос за двајцата праведни, според востановената практика на Црквата.

Одлуката за канонизација на свети Спасе и света Спаса Вишенски, според соопштението, ќе биде објавена в недела на литургија со која ќе чиноначалствува неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со сите претставници на Архиерејскиот синод на МПЦ-ОА, и претставници од помесните православни цркви, информира Дебарско-кичевската епархија.

Настанот претставува крунисување или завршување на еден процес што е започнат пред речиси еден век, со откривањето на моштите на светата Спаса, со што почнале да се празнуваат богослужбено и црковно, особено света Спаса, чие пак житие не може да се раскаже без свети Спасе.

Струшкиот парох, ставрофор Александар Димоски, појансува дека житието на светите исповедници и праведни Спасе и Спаса, започнува и се испреплетува со историјата на големиот и познат манастир посветен на Вознезението Христово, кој се наоѓал над селото Заграчани, во месноста која и денес е позната како Бабуш.

- Според пишаните извори и спроведените археолошки истражувања, манастирот постоел сè до големите освојувања на Османлиите, кога бил и разрушен. Тоа се годините кога отоманските освојувачи ја зацврстуваат својата власт на Балканот и во Македонија, и тоа го правеле на свиреп и страшен начин. Спалувале цели села и населби, го убивале и раселувале домородното христијанско население, како што било и со селото Заграчани. Се претпоставува дека свети Спасе и Спаса потекнувале токму од тоа село, па откако било запалено, тие двајца како сираци биле примени во блискиот манастир. Но набрзо и манастирот бил запален, по што започнале нивните подвизи по падините на планината Јабланица. Света Спаса се населила во веќе постоечка пештерна црква, кај селото Вишни, а свети Спасе, исто така во претходно познато пештерско живеалиште над селото Вевчани, вели ставрофот Димоски.

Света Спаса, додава, набрзо маченички го завршила својот живот, за да не падне во рацете на освојувачите, а свети Спасе, повеќепати тепан поради својата вера православна, живеел како пустиник низ јабланичките шуми, проповедајќи ја христијанската вера. Се упокоил во длабока старост и не се знае местото на неговото погребение.

- Mоштите на света Спаса се откриени во 1927 година, во пештерната црква во која се населила, а од средината на XIX век имаме неколку непосредни извори, писма на француски и британски конзули, кои зборуваат за страдањето на христијанското население во Струшко, и кажуваат дека е убиена една девојка, а христијаните во Вевчани се жестоко мачени. Споменот на Спасе и Спаса е поврзан со празникот на Вознесението Христово – Спасовден, додава Димоски. сс/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан