• сабота, 21 декември 2024

Кампања на МНЗА по повод Светскиот ден на аутизмот

Кампања на МНЗА по повод Светскиот ден на аутизмот

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) по повод 2 Април - Светскиот ден на аутизмот оваа година повторно ќе се вклучи во онлајн кампањата „Градење на инклузивно општество за аутистичните луѓе“ што се спроведува ширум Европа.

Како што соопштуваат од МНЗА, кампањата дава можност да се размислува за напредокот постигнат досега за заедницата со аутизам и за работата што останува за подобрување на животот на аутистичните лица и нивните семејства.

-Би сакале да ги повикаме националните креатори на политики и другите засегнати страни да обезбедат целосно уживање на правата и потребите на аутистичните лица во Македонија, согласно Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост (UNCRPD). UNCRPD е ратификувана од 45 од вкупно 46 земји-членки на Советот на Европа (СЕ), вклучително и од сите земји-членки на ЕУ и од самата Европска унија во 2010 година, наведуваат од Здружението.

Во текот на април, членовите на МНЗА најавуваат активности за поддршка за подобар и поинклузивен живот на лицата со аутистичен спектар на нарушувања.

Во рамки на онлајн кампањата, следната недела на социјалните медиуми на здружението на Фејсбук, Твитер, Линкедин, Инстаграм ќе бидат споделени банери и постери, а сите што сакаат да ја поддржат кампањата можат да ги споделат овие пораки користејќи го хаштагот #AutismDay2023.

Светскиот ден на аутизмот беше прогласен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации во 2007 година како годишен ден за да се привлече вниманието за итните потреби на лицата со аутизам ширум светот. вг/бак/

 

 

 

Остани поврзан