• недела, 22 декември 2024

Камерната опера на Благоевград, Бугарија настапи во Крива Паланка

Камерната опера на Благоевград, Бугарија настапи во Крива Паланка

Крива Паланка, 18 октомври 2024 (МИА) - Оперските композиции од Моцарт, Пучини, Доницети, Верди и многу други во изведба на Камерата опера на Благоевград, Бугарија, синоќа ја импресионираа публиката во градот на културата - Крива Паланка, со маестралната изведба на врвните солисти кои на сцената на НУ Центар за култура ја изведоа операта "Трите тенори и уште нешто..."

Публиката имаше можност да ужива во првиот настап на камерната опера со настап на оперски пејачи, оркестар и балетски играчи. На сцената блеснаа врвните тенори:  Јуриј Николов, Михаил Михајлов и Георги Динев, во придружба на оркестарот од Камерната опера од Благоевград под диригентска палка на маестро Георги Еленков и концерт-мајсторот Стоил Богданов.

-Наидовме на прекрасен прием, убави емоции од страна на публиката што ни даде елан да го исполниме концертот со таква посебна енергија и да Ви го претставиме тоа што најдобро го знаеме, а тоа е да пееме и да го претставиме нашето искуство.Приемот од публиката на Крива Паланка беше топол и срдечен и се надевам ќе имаме уште многу прилики да бидеме повторно ваши гости. Репертоарот опфати оперски композиции од Моцарт, Доницети, Пучини, но наша интенција е секогаш да работиме опери кои се прекрасни и истовремено комични, за да ѝ се допаднат на публиката. Нашата последна опера е "Дон Пасквале" од Гаетано Доницети и се надевам ќе можеме да гостуваме со таа фантастична опера повторно и да ја зарадуваме публиката на Крива Паланка, изјави Јуриј Николов.

На концертот присуствуваше и заменик градоначалникот на Благоевград, кој ги пренесе пораките од градоначалникот на Општина Благоевград, Методи Бајкушев, во знак на почит и благодарност за соработката, промоција на културата, од страна на организаторот, Општина Крива Паланка и институциите од областа на културата, пред се, директорот на ЛУ Градски музеј Крива Паланка на чијашто покана се оствари соработката.

Настанот е дел од манифестацијата "Крива Паланка - Град на културата" и "Есенски музички вибрации". ид/вг/

Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан