• сабота, 13 декември 2025

Камбоџа бара СБ на ОН да интервенира во граничниот спор со Тајланд

Камбоџа бара СБ на ОН да интервенира во граничниот спор со Тајланд

Пном Пен, 11 декември 2025 (МИА) – Камбоџа побара од Советот за безбедност на Обединети нации да интервенира во граничниот спор со Тајланд.

Камбоџа апелира СБ да изврши притисок врз армијата на Тајланд за „моментален прекин на нападите“ и да испрати независна мисија на ОН за утврдување на фактите на теренот.

Во писмото испратено до СБ, операциите на тајландската армија се опишани како „кршење на меѓународното хуманитарно право“.

Судирот помеѓу двете југоисточни држави повторно се разгоре изминатите денови. Камбоџа и Тајланд меѓусебно се обвинуваат за кршење на неодамна постигнатото примирје.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој посредуваше за примирјето постигнато на 26 октомври, изјави дека планира телефонски да разговара со лидерите на Камбоџа и Тајланд.

И покрај примирјето судирите долж 800-километарската граница продолжија во ноември, а се интензивираа за време на викендот.

Спорот за границата датира од демаркациите од колонијалната ера. Во центарот на конфликтот е храм стар неколку векови, кој е дел од светското наследство на УНЕСКО од 2008 година, посветен на хиндуистичкиот бог Шива. И Тајланд и Камбоџа полагаат право на храмот и околното земјиште. ми/мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан