Камбоџа бара правда од Меѓународниот суд за граничниот спор со Тајланд
- Камбоџанската Влада денеска соопшти дека планира да побара одлука од Меѓународниот суд на правдата (МСП) за граничните спорови со соседен Тајланд, од кои еден предизвика воен судир минатата недела во кој загина еден војник.
Пном Пен, 2 јуни 2025 (МИА) – Камбоџанската Влада денеска соопшти дека планира да побара одлука од Меѓународниот суд на правдата (МСП) за граничните спорови со соседен Тајланд, од кои еден предизвика воен судир минатата недела во кој загина еден војник.
Камбоџанскиот парламент денеска изгласа поддршка за одлуката на Владата. Одлуката на истиот суд од 1962 година, со која Камбоџа ја доби спорната територија на која се наоѓаат историски значајни хинду храмови, предизвика незадоволство во Тајланд и до денес претставува главна пречка во билатералните односи.
Тајландските власти сè уште немаат официјален одговор на намерата на Камбоџа да се обрати до МСП.
Министерот за надворешни работи на Тајланд, Марис Сангијампхонгса, вчера изјави дека дејствата на Тајланд на границата биле „оправдани“ и во согласност со домашното и меѓународното право. Тој додаде дека состојбата на границата останала мирна и дека двете страни се согласиле да најдат решение за што побрзо смирување на тензиите.
Во краткиот судир на 28 мај во близина на селото Морокот, во северозападната камбоџанска провинција Преа Вихеа, загина еден камбоџански војник.
Камбоџа тврди дека тајландските сили пукале врз нивни единици кои биле на рутинска патрола долж границата. Тајландската војска, пак, соопшти дека камбоџанските војници влегле на спорен дел од територијата и отвориле оган кога им се доближиле тајландски војници за разговор.
Камбоџанскиот премиер Хун Манет вчера изјави дека неговата влада ќе побара од МСП да донесе пресуда за разграничувањето на неколку спорни области, вклучително и местата каде што се наоѓаат вековни храмови – Та Моан Том, Та Моан Тох и Та Кро Беј.
Во февруари, камбоџански војници и членови на нивните семејства влегоа во храмот Та Моан Том на спорна територија и ја испеаја камбоџанската химна, што доведе до краток судир со тајландските сили.
Хун Манет денеска ги повика двете земји - Заедничката гранична комисија да продолжи со работата на демаркацијата на границата, како и Меѓународниот суд на правдата да се зафати со ова прашање.
Најавата за обраќање до МСП би можела да го поттикне чувствителното прашање во Тајланд, бидејќи пресудата од 1962 година, со која главниот храм Преа Вихеа му беше доделен на Камбоџа, сè уште е болно прашање за тајландските националисти и често се користи во внатрешната политика.
Меѓу камбоџанските и тајландските сили во 2008 година избувнаа неколку судири, во кои имаше и жртви, на ридот Преа Вихеа, област каде што се наоѓа храм стар 1.000 години, кој истата година беше ставен на Листата на светско наследство на УНЕСКО. Меѓународниот суд на правдата во 2013 година ја потврди својата пресуда од 1962 година. ссм/
фото: архива