• четврток, 21 ноември 2024

Калас: Во следните пет години потребни ни се јасни резултати во проширувањето на ЕУ

Калас: Во следните пет години потребни ни се јасни резултати во проширувањето на ЕУ

Брисел, 12 ноември 2024 (МИА) - Каква и да се сегашните тешкотии, наша одговорност е да работиме за подобра иднина, бидејќи проблемите на нашите соседи денес, ќе бидат наши проблеми утре, порача кандидатката за висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и за потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас на денешното сослушување пред членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент. 

- За повеќето наши соседи, Европската Унија има силна моќ на привлекување - од Западниот Балкан, до Украина. Како што рече една гласачка додека го напушташе гласачкото место минатиот месец во Молдавија, Европа нуди живот со можности. Проширувањето е геостратешка инвестиција во сопствен интерес на Европската Унија. Тоа ја прави нашата Унија посилна, ги прави новите членки на европското семејство постабилни и побезбедни и на сите ни овозможува просперитет. Во следните пет години, потребни ни се јасни резултати на тоа поле, рече Калас, најавувајќи дека за постигнување на оваа цел ќе соработува со еврокомесарката за проширување Марта Кос. 

Калас најави и дека ќе соработува и со еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Шуица во поддршка на партнерите на ЕУ во медитеранскиот регион и во изградба на заемно корисни партнерства и во зајакнувањето на регионалната стабилност и економската интеграција. 

- Заедно сме многу посилни и затоа ако ме потврдите на оваа позиција ќе дадам се од себе за да им служам на европските интереси и да ја зајакнам позицијата на Европската Унија во светот, нагласи Калас. 

Според неа, тоа нема да биде лесно во услови на предизвиците за Европа, како руската агресија врз Украина и здружувањето на автократските режими кои имаат за цел да го променат меѓународниот поредок заснован на правила и да ја искористат отвореноста на демократските општества за активности против нив. 

- Мора да бидеме свесни за оваа закана и соодветно да одговориме на неа, заедно со нашите најблиски сојузници и партнери и без да изгубиме ниту една педа од тоа што сме. ЕУ има толку многу да им понуди на нашите граѓани преку вредностите за кои се залагаме, основните права, можностите и безбедноста што ја обезбедуваме за нас и за нашите партнери, како шампиони на мирот, рече Калас. 

Таа посочи дека нејзини два главни приоритети на кои ќе се посвети во нејзината работа ќе бидат руската војна против Украина и конфликтот на Блискиот Исток. 

- Победата на Украина е приоритет за нас. Ситуацијата на бојното поле е многу тешка и затоа мора да продолжиме да работиме секој ден онолку колку што е потребно и со онолкава воена, финансиска и хуманитарна помош колку што е потребна, рече Калас, додавајќи дека поддршката за Киев треба да биде поткрепена и со јасен пат за членство на земјата во ЕУ. 

Во однос на Блискиот Исток, таа како приоритети ги посочи заложбите за прогласување итен прекин на огнот и безусловно ослободување на сите заложници, повик до сите страни да покажат најголема воздржаност, обезбедување на хуманитарната поддршка и непоколеблива посветеност на мировно решение според моделот за две држави, со поддршка за палестинските власти и признавање на правото на постоење на Израел од страна на целиот свет и земјите во регионот. 

Калас се осврна и на проблемот со мигрантите, нагласувајќи дека треба да се гарантира слободното движење во рамките на ЕУ, но и да се зајакне заштитата на нејзините надворешни граници, да се воспостават корисни партнерства во справувањето со илегалната миграција и да се спречи губењето на човечки животи долж мигрантските рути. 

- Најдобар можен начин за тоа е да се справуваме со основните причини за миграцијата, потенцира Калас. 

Кандидатката за високо претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика се осврна и на односите со Кина, посочувајќи дека два најважни предизвици во нив се нелојалната конкуренција на кинеските компании и поддршката на Пекинг на руската агресија на Украина, без која, според Калас, Русија нема да може да ја продолжи војна со ист сила. Затоа, како што нагласи, и Кина треба да се соочи со последиците од ваквото нејзино однесување. 

Калас говореше и за потребата од зајакнување на соработката на ЕУ со партнерите од Азиско-пацифичкиот регион, како Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Нов Зеланд и земјите од Југоисточна Азија, но и со САД, Индија, Велика Британија и државите од Африка, Јужна Америка и Карибите во одбрана на заедничките вредности, зајакнување на отпорноста и справувањето со климатските промени. 

- Стравуваме од отворената војна на нашиот континент, што ни ја впива душата. Но, да го претвориме овој страв во акција. Не можеме да прифатиме Русија, Иран и Северна Кореја да произведуваат повеќе воена опрема и муниција од нашата атлантска заедница во целина. Треба да инвестираме повеќе во одбраната и да преземеме поголема одговорност. Имаме средства за да ги надминеме, порача Калас. 

Според неа, во услови на нови видови безбедносни предизвици, потребна е драстична промена на начинот на размислување во сите слоеви на општеството и зајакнување на подготвеноста за одбрана.  

- Мирот не е само отсуство на војна, тоа е секојдневна работа за правда, човекови права и подобар живот, поради сето ова сакам да продолжиме да го насочуваме тоа преку нашите партнерства на теренот, истакна Калас, најавувајќи и зајакнување на „зелената дипломатија“ и користење на сите потенцијали за подобра иднина за европските граѓани и на партнери на ЕУ ширум светот. 

Инаку, покрај членовите на АФЕТ на сослушувањето присуствуваа и европратеници од комитетите на ЕП за развој, за меѓународна трговија и за правата на жените и родовата еднаквост, како и на поткомитетите за безбедност и одбрана и за човекови права. сп/ 

Фото: Скриншот 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан