• понеделник, 23 декември 2024

Кавадарци добива Интервентен центар за времено згрижување жртви на семејно насилство, жртви на елементарни непогоди и лица со социјален ризик

Кавадарци добива Интервентен центар за времено згрижување жртви на семејно насилство, жртви на елементарни непогоди и лица со социјален ризик

Кавадарци, 19 март 2024 (МИА) - Во завршна фаза е проектот за Интервентен центар за привремено згрижување на жртви на семејно насилство, жртви на елементарни непогоди и лица со социјален ризик во Кавадарци. Во увид на терен денеска беше кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Станува збор за реконструкција и пренамена на постојан објект, од социјален карактер, што вклучува шест апартмани.

- Вкупната вредност за реализација на овој проект изнесува 6.322,282,77 денари со вклучен ддв од кои 3.376.361,00 денари се обезбедени од Биро за регионален развој и учество на Општина Кавадарци со износ од 2.945.921,77 денари, појасни градоначалникот.

Тој упати благодарност до ОБСЕ и другите донатори за опремување на објектот. 

Задоволство од реализацијата на проектот изрази и Благица Коцева - Тодорова, претседателка на Здружението за родова еднаквост „Визија“, во чии рамки е Центарот.

- Сакам да ја изразам најпрво мојата благодарност до Општина Кавадарци која ја препознава нашата мисија и визија. Благодарност и за нивната неизмерна поддршка и ангажман за првиот регионален советувалиштен центар во нашата држава, а сега и Интервентен центар за згрижување на жртвите на семејно и родово базирано насилство, како и за сите други маргинализирани граѓани од ранливи категории, рече Коцева - Тодорова.

Таа додаде дека овој интервентен центар, заедно со веќе постоечкиот регионален советувалиштен центар, се алка која претставува значаен чекор напред во обезбедувањето на сигурно место за жртвите на семејно и родово базирано насилство. Тие сега имаат место каде што можат да ја добијат неопходната помош, поддршка и закрила, како и да го започнат процесот на опоравување и излезот од тешката ситуација во која се наоѓаат.

- Исто така, би сакала да искажам  благодарност и до Мисијата на ОБСЕ во Македонија за дадената финансиска поддршка во делот на опремувањето на центарот, како и до сите останати поддржувачи од бизнис заедницата во нашата општина кои придонесоа во реализацијата на овој проект, рече Коцева - Тодорова. свд/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан