И покрај напорите за медијација, продолжуваат борбите на границата меѓу Тајланд и Камбоџа
- Борбите во пограничниот конфликт меѓу Тајланд и Камбоџа продолжија во раните утрински часови денеска, при што двете страни пријавија напади долж фронтот, и покрај меѓународните напори за посредување, пренесе ДПА.
Бангкок, 14 декември 2025 (МИА) – Борбите во пограничниот конфликт меѓу Тајланд и Камбоџа продолжија во раните утрински часови денеска, при што двете страни пријавија напади долж фронтот, и покрај меѓународните напори за посредување, пренесе ДПА.
Примирјето, за кое апелираше малезискиот премиер Анвар Ибрахим да стапи во сила во саботата навечер, сè уште не е спроведено.
„Ја потврдувам непоколебливата посветеност на Тајланд на мирот. Но, мирот мора да биде вистински, одржлив и втемелен на акции што ги почитуваат договорите, а не на празни зборови“, напиша доцна синоќа на Икс тајландскиот министер за надворешни работи, Сихасак Пуангкеткеов.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот, по телефонските разговори со камбоџанскиот премиер Хун Манет и тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул, објави дека двајцата лидери се согласиле да ги прекинат сите непријателства „што ќе стапат во сила од вечерва“, но без да се прецизира за која временска зона станува збор.
Ниту Тајланд, ниту Камбоџа не го потврдија договорот, а Анутин вчера изјави дека Тајланд не се согласил на прекин на огнот со својот сосед.
Долготрајниот граничен спор повторно се разгоре пред една недела. Тајланд пријави 15 загинати војници и околу 270 ранети, додека Камбоџа не објави официјални бројки за воени жртви, но соопшти дека загинале 11 цивили, а 59 се ранети.
Двете страни велат дека борбите раселиле повеќе од 600.000 луѓе долж границата долга околу 800 километри. Овие бројки не можат независно да се потврдат.
Обновеното насилство е поврзано со децениски спор меѓу соседите од Југоисточна Азија околу територијалните претензии. Секоја страна ја обвини другата дека прва го прекршила претходно договореното примирје долж границата.
Двете земји веќе се согласија на прекин на огнот во јули по тешките борби. Кон крајот на октомври, тие потпишаа заедничка декларација во Малезија во присуство на Трамп, која опиша чекори кон траен мир. Сепак, во ноември, договореното примирје беше суспендирано по нов инцидент на границата. ссм/
фото: ДПА