• недела, 19 мај 2024

И Мишел во Киев, се одбележуваат 10 години од Мајдан (ДПЛ) 

И Мишел во Киев, се одбележуваат 10 години од Мајдан (ДПЛ) 

Брисел/Киев, 21 септември 2023 (МИА) - Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска допатува во ненајавена посета на Киев, на 10-годишнината од почетокот на протестите на киевскиот плоштад Евромајдан и во пресрет на Самитот на ЕУ во декември на кој ќе се разгледува предлогот на Еврокомисијата за старт на преговорите за членство на Украина во Унијата. 

Мишел пристигна во главниот град на Украина во знак на поддршка за Украина, која денеска одбележува 10 години од масовните протести со кои беше соборен претседателот Виктор Јанукович, поддржан од Москва. - Добро е што се вратив во Киев – меѓу пријателите, напиша Мишел Х.

- Ова е ден од фундаментална важност. Пред десет години, украински граѓани гинеа барајќи здружување со Европската унија, за нивните вредности, нивната иднина, нивната слобода, изјави Мишел пред пристигнувањето во Киев. 

Според најавите од ЕУ, на средбите со неговите домаќини, украинскиот претседател Володомир Зеленски и други високи претставници на властите во Киев, Мишел ќе ја повтори решителноста на Унијата да продолжи со поддршка на Украина на долг рок, а ќе разговара и за очекувањата од декемврискиот Самит поврзани со европската иднина на земјата.  

- Средбите во живо се многу важна за да се увиди она што е реално, а Украинците да дознаат каква е позицијата од страна на ЕУ, изјави Мишел на патот кон Киев. 

Посетата на Мишел на Киев доаѓа во време кога постојат стравувања дека конфликтот на Блискиот Исток, ќе го одвлече фокусот од случувањата во Украина, каде состојбата на бојното поле во голема мерка е во ситуација на ќор-сокак, по делумно успешната украинска контраофанзива претходно во текот на годинава. ЕУ најави засилена поддршка за Украина во пресрет на зимата, особено по стравувањата дека Вашингтон би може да ја намали помошта за земјата. 

На почетокот на месецов во посета на Украина престојуваше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а во исто време ЕК во извештајот за напредокот на земјата препорача отворање на пристапни преговори со Киев.  

Протестите на централниот плоштад во Киев започнаа на 21 ноември 2013 година како реакција на одлуката на тогашниот украински претседател Виктор Јанукович да не го потпише Договорот за асоцијација меѓу Европската Унија и Украина, кој претходно со големо мнозинство беше одобрен од Врховната рада. 

По тримесечни протести, за време на кои загинаа најмалку 120 лица, а речиси 3000 беа повредени, Јанукович и парламентарната опозиција на 21 февруари 2014 постигнаа договор за формирање влада на национално единство, за спроведување на уставни реформи и за одржување предвремени избори. Уште истиот ден, Јанукович и дел од министрите во неговата Влада го напуштија Киев, по што следниот ден Врховната рада го разреши од должноста претседател и избра привремена Влада. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан