• недела, 22 декември 2024

ИЈЗ со совети за справување со топлото време, пред нас температури и над 40 степени

ИЈЗ со совети за справување со топлото време, пред нас температури и над 40 степени

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Граѓаните со себе да носат шише вода, да се разладуваат со вентилатори или клима уреди, да носат лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира, препорачува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).  

УХМР денеска соопшти дека продолжува периодот на сончево и многу топло време. Дневната температура ќе биде и над 30 степени, наместа и повеќе од 40 степени. Особено топло ќе биде од четврток до средината на следната седмица, кога на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.

Кога станува збор за патувањата, од ИЈЗ препорачуваат граѓаните да се информираат за општата здравствена состојба, заразните заболувањa и потенцијалните ризици по здравјето во подрачјето каде се планира да се патува.

- Најмалку еден месец пред да заминете на планираното патување проверете ги препораките за профилактична терапија - на пример лекови за маларија и-или вакцинација - на пример против жолта треска, во подрачјето во кое планирате да патувате. Осигурајте се дека сте ги примиле вашите рутински вакцини, особено бидете во тек со вакциналниот статус на децата со кои патувате. Доколку имате потреба од дополнителни сознанија, консултирајте го вашиот избран лекар или надлежниот Центар за јавно здравје. Подгответе ја вашата „здравствена чанта“ - сет за прва помош, лекови за хронична терапија -доколку има, антипиретици, аналгетици, лекови за гастроинтестинални проблеми и сè што мислите дека можеби е тешко да се најде во вашата дестинација, пишува на веб-страницата.

Задолжително да се понесе средства за заштита од инсекти, крем за сончање со заштитен УВ-фактор над 30, алкохолни дезинфекциони средства и здравствената книшка.

Од ИЈЗ нагласуваат дека доколку се следат четири правила, може да се намали веројатноста од инфекција.

- Користете репеленти. Нанесете репеленти - средства што одбиваат комарци, за тропски области, на пример на база на DEET 30 - 50% или icardine , на непокриените делови на кожата од телото, избегнувајќи ги слузниците - очи, нос, уста - дење и ноќе, внатре и на отворено. Користете ги строго според упатствата на производот. Запомнете: репелентот треба да го нанесувате доволно често во зависност од потењето и изложеноста на вода - по капење, пливање, нанесете го по користење на препарати со заштитен УВ-фактор - кога се користат истовремено, бремени жени, доилки и деца постари од два месеца не треба да користат репеленти на база на DEET или icardine, имајте доволна залиха на репеленти поради можен недостиг, е првото правило на ИЈЗ.

Второто е носење соодветни облека и обувки за време на патувањето.

- Облеката треба да биде во светла боја, со долги ракави и ногавици, а секогаш кога е можно, носете чорапи и чевли за да биде покриена што поголем дел од површината на телото. Имајте на ум дека комарците касаат дење и ноќе, на отворено и на затворено. Комарците кои ги пренесуваат инфекциите со зика, денга и чикунгуња се најактивни во текот на денот и во самрак, а комарците кои пренесуваат маларија се најактивни во приквечерие и навечер, нагласуваат од ИЈЗ.

Трето правило, според Институтот, е да се користат заштитни мрежи, или граѓаните да одмораат во климатизирани простории.

- За време на патувањето, спијте и одморете се во климатизирани простории или простории со заштитни мрежи на прозорците и вратите. Доколку спиете на отворено или во простории заштитени од комарци, задолжително спијте под заштитна мреза за спиење, натопена со инсектициди, препорачуваат од ИЈЗ.

И последното, но, не и помалку важно, доколку граѓаните се разболат, да побараат медицинска помош.

- Ако за време на патувањето развиете треска - 38°С и повеќе, или други симптоми, побарајте медицинска помош. Маларијата и другите тропски болести можат да бидат сериозни и треба веднаш да се лекуваат. Останете безбедни за време на активности на вода. Ако вашите летни патувања вклучуваат активности на вода, бидете внимателни кога пливате, пловете или нуркате, особено во земјите каде што службите за итни случаи можеби не се брзо достапни или нема спасувачи. Избегнувајте пливање во реки. Инфекциите како што се шистозомијаза и лептоспироза се пренесуваат со контакт со слатка вода, пишува на веб-страницата.

Наведено е дека граѓаните треба да бидат внимателни дали водното тело ги има следните карактеристики: присутност на бариери кои го контролираат пристапот до вода, безбеден простор за деца од претшколска возраст далеку, дали има спасител на плажата и дали има систем за информирање на квалитетот на водата за капење, како и оти водното тело за капење треба да биде осигурано и безбедно за пливање за сите категории на граѓани, со соодветна означеност на безбедната длабочина. Поставување и спроведување на безбедни прописи за пловење, превоз на патници вклучително и носење на лична опрема за безбедност - елек за спасување.

- По враќањето од летни патувања, ако се разболите во рок од три недели, задолжително кажете му на вашиот лекар каде и кога сте патувале и кога сте се разболеле. Кај лица кои развиваат симптоми на зика болест, маларија и друго, неопходно е да се спроведат мерки за заштита од каснување од комарци - заштитни мрежи за кревети, прозорци и врати. Доброволното дарување крв се одложува за одредено време по враќањето, нагласуваат од Институтот.

Потребно е да се преземат следните чекори за заштита.

- Претпочитајте да пиете безбедна вода за пиење. Водата за пиење треба да биде без мраз, заради превенција од заразни заболувања и настинки. Носете капа со широк обод и очила за сонце со заштитен УВ фактор. Носете широка, лесна и памучна облека со светла - бела боја. Планирајте активности на отворено во поладни периоди од денот, пред 11 и после 17 часот. Одмарајте често и обидете се да останете во сенка кога сте на отворено. Ако правите напорни активности на топло, како што се планинарење или возење велосипед, обидете се да се прилагодите на надворешната температура пред таа активност со вежбање еден час дневно на топло. Ако сте во затворен простор со вклучено ладење од клима уредот, пред да излезете надвор во топла средина исклучете ја климата барем половина час пред тоа, за да полесно се адаптирате на темепературната разлика, гласат препораките на ИЈЗ. бд/ев/

Фото: МИА/ИЈЗ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан