• понеделник, 23 декември 2024

ИТУК: Владата мора да се откаже од опасните предлог измени на Законот за работни односи

ИТУК: Владата мора да се откаже од опасните предлог измени на Законот за работни односи

Скопје, 12 мај 2023 (МИА) -  Сојузот на синдикати на Македонија ССМ соопшти дека Светската конфедерација на синдикати  (ИТУК (ITUC)  го поддржува барањето на македонските синдикати, Владата да ги повлече, како што велат, опасните измени на Законот за работни односи, по скратена постапка со кои се зголемува работното време до 60 или дури до 72 часа неделно.

- На 8 мај, Владата поднесе предлог-измени на трудовото законодавство до Собранието на Северна Македонија, со намера да се користи брза парламентарна процедура за донесување на измените во закон. Доколку биде усвоен, законот ќе им овозможи на работодавачите да го зголемат работното време до 60 или дури 72 часа неделно во сите седум дена. Странските актери од приватниот сектор се осомничени дека вршеле притисок врз Владата да ги направи промените, кои се спротивни на меѓународните работнички стандарди, пишува во соопштението од ИТУК, што го пренесува ССМ.

Синдикатите, пренесува ССМ, се загрижени дека промените ќе го зголемат ризикот од несреќи, повреди и смртни случаи на работа, потоа ќе ја загрозат апликацијата на Северна Македонија за влез во ЕУ, бидејќи предлозите се во спротивност со директивите за работно време на ЕУ, и оти особено ги погодуваат градежните работници, кои веќе се соочуваат со екстремни услови предизвикани од климатските промени.

Според вршителот на должноста генерален секретар на ИТУК, Лук Триангл, „реформата на трудовото законодавство во земјата е на агендата на социјалните партнери веќе неколку години, но, неодамнешната насока преземена од Владата, означува јасно отстапување од нивните очекувања и принципите на социјалниот дијалог“.

- Моделот со ниски плати, експлоататорски промовиран од Северна Македонија веќе доведе до масовен егзодус на работници од земјата. Сепак, наместо да ги подобри работните услови и да промовира пристојни плати, Владата бара да ги легализира експлоатирачките работни средини. Овој закон е опасен. МОТ ја нагласи важноста на осумчасовниот ден и 48-часовната недела за заштита на здравјето и безбедноста на работниците. Владата на Северна Македонија е должна да го поддржи ова и веднаш да го повлече овој опасен закон. Мора да започне значаен социјален дијалог со синдикатите и другите социјални партнери за да работи на ревизии на трудовото законодавство што ги почитува меѓународните и европските стандарди, се вели  во соопштението.бд/лв/

Фото: ССМ

Остани поврзан