• вторник, 23 јули 2024

Итна помош во Куманово регистрира зголемен број повици од почетокот на месецов 

Итна помош во Куманово регистрира зголемен број повици од почетокот на месецов 
Куманово, 24 март 2022 (МИА) - Итна помош во Куманово регистрира зголемен број повици од пациенти последниов месец, информираа денеска надлежните. Најчесто, помош бараат ранливите категории граѓани, повозрасните граѓани и хронично болните. Од почетокот на овој месец, промената на дневната температура од минус во ноќните, во плус во дневните часови, пациентите се жалат на зголемен крвен притисок, срцебиење, зачестуваат и мозочните удари, велат кумановските лекари. - Евидентираме зголемен број повици особено од повозрасната популација која тешко ги поднесува наглите промени на дневната температура. Најчесто се хронично болните, оние пациентите со опструктивно-белодробните болести, лицата со висок притисок, заболените од канцер. Кај оваа група постои потреба од палијативна нега, изјави д-р Милена Станковиќ од Итна помош Куманово. Хронично болните треба редовно да ја земаат пропишаната терапија, не смеат да ја прескокнуваат. - Мора редовно да се консултираат со матичните лекари, за да се држат под контрола хроничните болести, вели д-р Станковиќ. Наглите температурни разлики не ги поднесува и голем број од женската популација, која реагира со појава на вртоглавица. Доктор Станковиќ советува веднаш да се измери крвниот притисок и во зависност од резултатите да се користи соодветна терапија. - Кога има нагло влошување со вртоглавица, повраќање тогаш интервенираме со терапија за да се ублажат симптомите, изјави докторката. Во овој период екипите на кумановската итна помош речиси и да немале интервенции на заболени од Ковид 19. ам/цр

Остани поврзан