• четврток, 19 декември 2024

Италија прогласи вонредна состојба поради миграцијата

Италија прогласи вонредна состојба поради миграцијата

Рим, 11 април 2023 (МИА) - Италијанската влада денеска прогласи вонредна состојба бидејќи во последните недели пристигнуваат голем број мигранти преку Средоземното Море.

Вонредната состојба ќе биде на сила шест месеци и најпрво треба да овозможи исплата на пет милиони евра за особено погодените региони на југот на Италија, потврдија за ДПА од Кабинетот на италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Италијанската новинска агенција АНСА објави дека ова има за цел, меѓу другото, да го олесни формирањето на нови прифатни центри за бегалци.

Околу 2.000 мигранти пристигнале со бродови на италијанскиот остров Лампедуза, крај северноафриканскиот брег, во текот на долгиот велигденски викенд, пренесе ДПА повикувајќи се на агенцијата АНСА.

Властите регистрирале повеќе од 40 пристигнувања меѓу петокот и понеделникот. Многу од мигрантите биле малолетни.

Италијанската крајбрежна стража синоќа спроведе две спасувачки операции. Рибарски брод со околу 800 луѓе е пронајден во близина на брегот на Сицилија и моментално се наоѓа во пристаништето Катанија на источниот брег на островот.

Откриен е и втор преоптоварен брод со 400 луѓе.

Некои од мигрантите доживеале и бродолом. Германската спасувачка организација Resqship извлекла две тела при спасување на 22 мигранти и ги однела во Лампедуза.

Мигрантите рекоа дека нивниот брод имал проблеми пред да потоне. Уште 18 се водат како исчезнати.

Лампедуза се наоѓа на околу 190 километри од Сфакс на тунискиот брег. Многу мигранти кои заминуваат од Тунис и Либија патуваат кон островот или кон Малта, Сицилија или континенталниот дел на Италија.

Министерството за внатрешни работи во Рим регистрирало повеќе од 28.000 луѓе кои стигнале на италијанска територија досега оваа година, што е четири пати повеќе од бројот во истиот период минатата година, кога беа регистрирани повеќе од 6.900 мигранти. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан