Италијански и албански активисти на граѓанското општество протестираа во Шенѓин против имигрантските центри
- Десетици албански и италијански активисти денеска во албанското пристаниште Шенѓин протестираа под мотото „Нелегален договор, глобален отпор“, против договорот меѓу Албанија и Италија за сместување во Албанија бегалци од африканските земји, кои се фатени во меѓународните води
Тирана, 1 декември 2024 (МИА) – Десетици албански и италијански активисти денеска во албанското пристаниште Шенѓин протестираа под мотото „Нелегален договор, глобален отпор“, против договорот меѓу Албанија и Италија за сместување во Албанија бегалци од африканските земји, кои се фатени во меѓународните води.
- Протест доаѓа во време кога и прифатниот центар во Шенѓин и кампот за сместување во Ѓадр се испразнети, дури и од вработените, откако Судот во Рим го блокираше испраќањето имигранти.
Демонстрантите изјави дека протестите против овој Договор ќе продолжат, бидејќи „сакаат подемократска Европа, Албанија и Италија.
- Против овој договор се спротивставивме колку што можевме. Тоа е многу силен импулс да продолжиме со нашиот отпор не само против овој, туку и сите вакви договори. Европа што ја сакаме не е Европа на Мелони, не е Европа на Фон дер Лајен, не е Европа на Рама, туку на демократијата, изјави еден од демонстрантите.
Најавија дека протест ќе одржат и во Ѓадр.
- Ќе се бориме за подемократска Европа, подемократска Италија и подемократска Албанија, каде што имигрантите се составен дел од општеството и ќе бидат третирани како сите други, со еднакви права, порачаа тие.
Договорот за прифаќање имигранти на 6 ноември минатата година, го потпишаа премиерите Еди Рама и Џорџа Мелони, кој предвидуваше сместување на 3.000 имигранти месечно, односно 36.000 годишно, кои во Ѓадр требаше да го чекаат одговорот на барањето за азил.
Со италијанскиот брод „Либра“ во два наврати пристигнаа вкупно 24 имигранти, од Египет и Бангладеш, но и двете групи беа вратени назад, откако судот во Рим одлучил случајот да го испрати до Судот на правдата на ЕУ, бидејќи оценува дека споменатите две земји не се во групата безбедни земји.
Со втората група заминаа и 80 лица од обезбедувањето, а подоцна и други педесетина меѓу кои социјални работници и медицински лица. вт/ми/