• среда, 28 јануари 2026

Италијанскиот министер го брани присуството на агенти на имиграциските власти на САД за време на ЗОИ „Милано Кортина 2026“

Италијанскиот министер го брани присуството на агенти на имиграциските власти на САД за време на ЗОИ „Милано Кортина 2026“

Рим, 27 јануари 2026 (МИА) – Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денеска изјави дека агентите на американската Служба за имиграција и царина (ICE) нема да патролираат по улиците за време на Олимписките игри Милано–Кортина, туку ќе помагаат во заштитата на американската делегација.

Во Италија изминативе денови се појавија загриженост и негодување поради најавеното присуство на агенти на ICE на Олимписките игри, кои почнуваат на 6 февруари, со главната свечена церемонија на стадионот „Сан Сиро“ во Милано.

Американската делегација ќе ја предводат потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марк Рубио, двајцата познати како силни поддржувачи на строгите мерки за имиграција на претседателот Доналд Трамп.

- Да бидеме јасни: тие не доаѓаат да одржуваат јавен ред по улиците. Тие доаѓаат да соработуваат во оперативните центри, изјави Тајани за новинарите, пренесе агенцијата АНСА.

Тој додаде дека италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози денеска ќе се сретне со американскиот амбасадор во Италија „за да се разјасни ова прашање“.

Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, кој е еден од најгласните критичари на ICE во Италија, изјави дека не сака американските агенти да бидат присутни на улиците на градот.

- Јасно е дека тие не се добредојдени во Милано, без никакво сомнение, изјави Сала за радио RTL 102.
- Тие не се усогласени со нашиот демократски начин на управување со безбедноста, додаде тој.

Тајани нагласи дека присуството на ICE во Италија нема да биде „како оние што излегуваат на улиците во Минеаполис“, алудирајќи на рациите на ICE во тој американски град и на фаталните пукања во кои се убиени двајца американски државјани, што предизвика протести и жестоки реакции во јавноста.

- Не е како да доаѓа СС, изјави Тајани, споредувајќи ја ситуацијата со паравоената организација од нацистичка Германија. ссм/

фото: архива

Остани поврзан