• недела, 22 декември 2024

Италијанецот Џордано Пасквале и Фабиан Бетина од Унгарија победници во трката од Европскиот куп во далечинско пливање

Италијанецот Џордано Пасквале и Фабиан Бетина од Унгарија победници во трката од Европскиот куп во далечинско пливање

Велес, 3 септември 2023 (МИА) - На денешната петта трка од Европскиот куп во далечинско пливање на 10 километри што се одржа на велешкото езеро „Младост“, победник е Џордано Пасквале од Италија со време од 1:56:15 часа и 78 стотинки. За победникот решаваа стотинките, а беше прогласен од страна на меѓународните судии на ЛЕН од Европската пливачка федерација по прегледот на фото-финишот.

Во иста категорија на 10 километри кај жените прва беше Фабиан Бетина од Унгарија со време од 2:07:21часа.

Кај мажите од второто до петото место се пласираа италијанските натпрварувачи. Санзуло Марио од Италија со време од 1:56:16 часа и 50 стотинки беше втор, а трет е Иларио Ѓузепе со време 1:56:16 часа и 66 стотинки.

Во изјавата за МИА освојувачот на пехарот и златиот медал во машка конкуренција Џордано Пасквале изјави дека е среќен што е победник на оваа трка.

-Најтешко ми беше на крајот на трката и сите тројца првопласирани бевме еден до друг. Велешкото езеро и Македонија ќе ги паметам по оваа прекрасна победа на која многу се радувам, потенцира Пасквале.

И неговите колеги Санзуло Марио и Иларио Ѓузепе изјавија дека се среќни за освојување на високите места. Воедно, оценија дека се било одлично и организацијата и езерото и домаќините.

Второто место кај жените и сребрениот медал го освои Бој Леа од Германија со време од 2:07:34 часа и третото Бриди Ариана од Италија со време од 2:07:36 часа и 36 стотинки. Во женска конкуренција од третото до седмото место се пласираа Италијански пливачки.

Од македонските натпреварувачи најдобра беше Ивана Неделковска, кој се пласира на десетото место со време 2:17:42 и 13 стотинки, а нејзината сестра Јована Неделковска беше на 12-то место.

Нашата маратонка Јана Костадиновска беше претпоследна на 14-то, а последна 15-та целта ја мина Росана Ѓошева.

Најдобар во машка конкуренција од македонски пливачи маратонци со освоено осмо место беше повеќекратниот првак на Велешкиот пливачки маратон, маратонец Евгениј Поп Ацев со време 2:02:56 часа и 12 стотинки.

Во изјава за МИА вели дека е задоволен од освоено место. Појасни дека малку лошо тргнал на почетокот и водечката група ја игубил многу рано, па се приклучил на втората група пливачи. Но сепак е задоволен иако оди на повисоки резултати.

-Успев да влезам во Европскиот куп и сум меѓу десетте најдобри што сепак е успех. Инаку, Велешкото езеро ми е како дома и често тука доаѓам со семејството и многу сум среќен што вчера повторно поведив на Велешкиот пливачки маратон. Воедно со оваа вчерашна победа го освоив и првото место од националниот куп во далечинско пливање. Организацијата и вчера и денес е прекрасна исто и публиката, драго ми е што сум дел од овој маратон, којшто од национален вториот ден прерасна во европски куп, што го става на листата на најголеми маратони во Европа и светот.

Бугарската маратонка во пливање 18-годишната Лилиана Георгиева од градот Пловдив единствен претставник на својата земја која го освои 13-то место за  МИА,изјави дека е среќна што прпат учествува на овој пливачки  маратон и планира да дојде и догодина. Многу и се допаднала организацијата и езерото.

-Вториот круг некако тешко ми дојде, на крајот сепак сум задоволна од пласманот бидејќи конкуренцијата беше многу силна.

Инаку, на денешната петта трка од Европскиот куп во далечинско пливање на велешко езеро „Младост“ учествуваа маратонци од Италија, Унгарија, Данска, Германија, Шведска, Бразил, Србиа, Бугарија, Косово и нашата земја. На денешните натпревари учествуваа 15 маратонки во женска конкуренција и 17 во машка или вкупно 32 натпрварувачи.

Велес и велешкото езеро „Младост“ со оваа трка беа домаќини заедно со Барселона, Белград и уште три други града од Италија, Словачка, Израел во Европскиот куп во далечинско пливање, кое денеска  се одржуваше истовремено во сите шест града.

Стартот и целта беа пред Хотел „ Романтик“ на велешко езеро „Младост“. ад/вг/

Остани поврзан