Исчитени од снег над 80 проценти од улиците и патиштата во кумановско
- Покрај градот и централните улици во Куманово се чистат и патиштата кон селата, соопштија на денешната прес-конференција надлежните од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“.Од претпријатието уверуваат дека остануваат во целосна подготвеност и ќе продолжат со теренските активности сè додека тоа го налагаат временските услови.
Куманово, 21 јануари 2025 (МИА) - Покрај градот и централните улици во Куманово се чистат и патиштата кон селата, соопштија на денешната прес-конференција надлежните од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“. Исчистени се патиштата кон селата Тромеѓа, Пчиња, Режановце, населени места и приградски населби во околината на градот.

Според првичните информации од претпријатието, до претпладневните часови над 80 отсто од градските улици биле проодни и безбедни за сообраќај. Екипите континуирано вршат посипување на сол и ризла, а на терен се ангажирани специјализирани машини за механичко расчистување.
-Работиме интензивно и континуирано. Машините се постојано на терен, а посипувањето со сол се врши на сите ризични делници. Располагаме со доволни количини, а по потреба можеме дополнително да обезбедиме сол од нашите добавувачи, изјави директорот на претпријатието, Сашо Томиќ.

За оваа намена, од општинскиот буџет издвоени се осум милиони денари. „Чистота и Зеленило“ располага со три специјални машини, камиони со плуг, две метлачки за чистење на плоштадите и трактор со приколка и преден плуг. Во моментов имаме обезбедено 25 тони сол.

Од јавното претпријатие уверуваат дека остануваат во целосна подготвеност и ќе продолжат со теренските активности сè додека тоа го налагаат временските услови. Граѓаните се повикуваат на внимателност при движењето и соработка со надлежните служби. ам/дма/
Фото: МИА