• петок, 22 ноември 2024

Истражување: Средоземноморската храна е најдобрата диета

Истражување: Средоземноморската храна е најдобрата диета
Лос Анџелес, 8 јануари 2021 (МИА) - Според американската медиумска групација „Њуз енд ворлд рипорт“, златниот медал за најдобра диета веќе четврта година по ред, ѝ е доделен на средоземноморската храна. Секој вид диета беше оценет врз основа на различни параметри, па така, местото во табелата зависи од тоа колку е лесно да се следи, колку е веројатно дека диетата ќе доведе до долгорочно губење тежина и, конечно, што е и најважно, колку е диетата здрава и безбедна за употреба, особено кај луѓе со хронични заболувања. Покрај титулата најдобра диета, средоземноморската е на прво место и во категоријата растителни состојки, диети за лица со срцеви проблеми, како и во категоријата за наједноставна диета. Ваквите високи признанија не изненадуваат, бидејќи бројни истражувања откриле дека средоземноморската храна може да го намали ризикот од дијабетес, висок холестерол, деменција, депресија и рак на дојка. Долги години, многу нутриционисти и лекари истакнуваа дека оваа диета е најздрава, а причина за тоа е секако што таа е главно растителна. Кога станува збор за маснотиите, препорачливо е да се користи маслиново масло, додека другите масла и путери речиси и да немаат никаква вредност во диетата. Кога станува збор за месото, во средоземноморската храна тоа е помалку застапено отколку во традиционалната кујна, а фокусот е ставен на рибите. Покрај медитеранската диета, на самиот врв на списокот се и т.н. ДАШ и флекситарната диета. Заедничка одлика на овие диети е тоа што тие се фокусираат на оброци полни овошје и зеленчук, ореви, житарки и семиња. Од друга страна, пак, „Дукан“ и кетогената диета се прогласени за најлоши диети за оваа година. си/гт/

Остани поврзан