Истражување: Сè помалку студенти пијат алкохол, но ризичното однесување е во пораст
- „Анкетата се спроведува на секои четири години. Биле анкетирани нешто повеќе од 20.000 студенти од фламански и холандски високообразовни институции по што се утврдило дека 22 отсто од студентите пијат прекумерно, а 44 отсто признаваат дека се чувствуваат пијано барем еднаш месечно“, пренесува ВРТ
Брисел, 18 март 2026 (МИА) - Според новото истражување на фламанскиот центар за експертиза за алкохол и други дроги (ВАД), иако сè помалку фламански студенти пијат алкохол и земаат канабис, ризичните начини на однесување, поради прекумерното пиење алкохол и опивањето, повторно се во пораст.
„Анкетата се спроведува на секои четири години. Биле анкетирани нешто повеќе од 20.000 студенти од фламански и холандски високообразовни институции по што се утврдило дека 22 отсто од студентите пијат прекумерно, а 44 отсто признаваат дека се чувствуваат пијано барем еднаш месечно“, пренесува ВРТ.
Резултатите покажале дека за време на студентската година просечниот студент пие две чаши алкохол неделно, но групата на големи пијачи пијат во просек 28 чаши. Мажите пијат повеќе од жените - просечно 16 во однос на шест чаши неделно. Студентите што живеат во студентски домови почесто пијат и почесто се впуштаат во ризични форми на пиење алкохол. Според научниците, употребата на никотин останува висока - 44 отсто од студентите употребиле тутун или електронски цигари во изминатата година, а една четвртина ги комбинира двата производа. Многу од нив мислат дека „вајпингот“ не е штетен за здравјето. Употребата на канабисот опаѓа, а проблемите кај редовните корисници и понатаму растат - една четвртина се жали на здравствени тешкотии по негово земање.
- Употребата на други илегални дроги останува стабилна на 11 отсто, а на „екстази“ е во пораст, како и на стимулативни лекови, како „риталинот“ - нагласуваат експертите. мв/мс/
Фото: Пиксабеј