Истрага за две грабнувања во Тетово, едната жртва било дете
- Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители грабнале две лица, од кои едно дете.
Скопје, 7 мај 2025 (МИА) - Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители грабнале две лица, од кои едно дете.
Како што соопштуваат од Основното јавно обвинителство, на 5 мај утрото, двајцата осомничени со умисла извршиле грабнување на лице, на сила влечејќи го за рацете и рамењата, по што го внеле во нивниот автомобил БМВ Х5. Во возилото и физички го нападнале, удирајќи го со тупаници по главата и лицето и барајќи од него да каже кои се лицата кои зеле пари од ќерката на еден од осомничените.
-Исплашен од физичкиот напад и ударите, оштетениот посочил две лица и адресите на кои можат да бидат најдени. Кога осомничените се упатиле да го бараат и да прашуваат за првиот од нив, оштетениот успеал да им избега од возилото и да го пријави настанот во полиција, наведуваат од Обвинителство.
Истиот ден попладне, како што дополнуваат, во близина на зградата на Основниот суд во Тетово, двајцата осомничени извршиле грабнување и на едно од посочените лица – шеснаесетгодишно дете. Малолетникот исто така на сила го внеле во автомобилот, започнале да го удираат со тупаници и да бараат од него да каже зошто ја тепал ќерката на еден од осомничените.
-На детето му го зеле мобилниот телефон и го натерале да го отвори за да му ги прочитаат пораките, а потоа на паркинг го симнале од возилото и продолжиле да го удираат со тупаници и железна палка. Во еден момент малолетникот успеал да им избега и да го пријави настанот, дополнуваат оттаму.
Според нив, постои основано сомнение дека со овие дејствија осомничените сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, од кои едното грабнување е во потежок облик бидејќи е сторено спрема малолетно лице. Воедно, ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Ова следува откако полициски службеници од СВР Тетово на 05.05.2025 година во 23 часот и на 06.05.2025 во 1 часот, ги лишиле од слобода Џ.Д.(56) од тетовското село Гајре и Л.Д.(52) од Тетово, постапувајќи по претходна пријава од 39-годишната З.Ј. од тетовско Џепчиште дека со употреба на сила го внеле нејзиниот малолетен син во нивното патничко возило „бмв х5“ и физички го нападнале, при што употребиле и метален предмет.
Како што денеска соопштија од МВР, според пријавеното, откако успеал да им избега, Џ.Д. извадил пиштол и му се заканувал на малолетникот.
- Исто така, тие биле пријавени и од Б.Ш.(24) од Тетово дека против негова волја го внеле во истото возило, физички го нападнале и барале од него да им посочи две лица кои наводно земале пари од ќерката на Џ.Д.. Лицата се лишени од слобода и поднесена е кривична пријава, по што од страна на судија на претходна постапка одреден им е 30 дневен притвор, соопшти МВР.ар/са/
Фото: МИА архива