• петок, 05 декември 2025

Иселениците продолжуваат со донации за дебарската болница

Иселениците продолжуваат со донации за дебарската болница

Дебар, 22 октомври 2025 (МИА) - Дебарските иселеници продолжуваат со донации за Општата болница со проширена дејност во Дебар, која со својата дејност ја покрива и општина Центар Жупа, а при итни случаи и подрачјето на Река, Општина Маврово и Ростуше.

Последователна донација е EХO апарат (Ултразвук), за амбуланта за ендокринологија, во вредност од 35.400 евра, од дебарската асоцијација во САД „Dibra Community Center“.

Директорот на болницата Мерсим Колеци, на средба со претставниците на ова здружение, Баудин Чанка и Рефик Косоврасти, остварена во болницата во Дебар, изрази голема благодарност од свое, од име на вработените и од граѓаните за поддршката и посветеноста за здравствената заштита во родниот крај.

-Овој хуман гест претставува вредна помош за подобрување на медицинските услуги и грижата за нашите пациенти. Во знак на почит, им доделивме благодарница, за се што прават за обезбедувањето на потребната опрема, со цел поквалитетна и навремена здравствена заштита. Во оваа пригода, би сакал јавно да им се заблагодарам и на иницијаторите кои го започнаа и завршија овој проект, Ќани Фида и Омер Кадри, информираше Колеци.

Додава дека деновиве остварил средба и со Азир Сејдовски, сограѓанин од Дебар, кој живее во Германија, кому му се заглагодарил за досегашните донации и придонесот што го дава за оваа здравствена установа.

-Нашиот сограѓанин, Сејдоски, неколкупати придонел за нашата болница, а сега донираше клима-уред за детското одделение а го уреди и катчето каде дечињата, кои се хоспитализирани, си играат. Исто така има донирано 10 апарати за кислород. Неговото внимание кон татковината не е изгубено во ниту еден момент, наведува Колеци.

Болницата во неколку наврати донации има добиено и од други иселеници, меѓу кои и Сафет Алили, од долнореканското село Присојница а живее во Луксембург, која покрај другото се состоеше од автоматски болнички кревети за лица со хендикеп, инвалидски колички, ролатори, помагала за движење, туш столици. вт/дма/

Фото: Општа болница-Дебар

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан