• недела, 22 декември 2024

Ирена Јовева за МИА: Многумина во ЕП сметаат дека уцените кон Северна Македонија се претерани и неприфатливи

Ирена Јовева за МИА: Многумина во ЕП сметаат дека уцените кон Северна Македонија се претерани и неприфатливи
Стразбур, 22 јуни 2021 (МИА) - Билатералните прашања не смеат да се користат за блокирање на европскиот пат. Такви прашања можат да се решаваат во меѓувреме, но билатерално и не може да бидат поврзани со преговорите. Европскиот пат не смее да биде жртва или заложник на политиката и историските расправии. Европската Унија е создадена врз принципите на плурализам и единство во различностите, а билатералните историски прашања треба да бидат само билатерални, вели во интервју за МИА словенечката европратеничка Ирена Јовева, коментирајќи ги блокадите на евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија. Јовева, која е со македонско потекло и доаѓа од редовите на политичката група Ренесанса на Европа во Европскиот парламент, и е потпретседателка на мешовитата парламентарна комисија ЕУ - Северна Македонија, најавува дека Западниот Балкан ќе биде во фокусот на претстојното словенечко претседателство и оти Љубљана силно ќе лобира за целиот Балкан. Неодамна премиерот Зоран Заев беше во посета на Брисел и на други европски престолнини, тој јасно ги кажа очекувањата на земјата за почеток на преговорите, но дојдоа изјавите на челниците на ЕУ, исто така и од страна на претставници на Софија, дека без договор со Бугарија нема да добиеме датум за прва Меѓувладина конференција. - Морам пак да повторам дека се срамев и се уште се срамам кога ги видов и кога ги слушам бугарските реакции кои што, после се што направи Северна Македонија, наместо да биде пријателска поддршка на земјата, одлучи да го блокира целиот напредок досега. Билатералните прашања не смеат да се користат за блокирање на европскиот пат. Такви прашања можат да се решаваат во меѓувреме, но билатерално и во никаква врска со преговорите како такви. Европскиот пат не смее да биде жртва или заложник на политиката и историските расправии. Веќе долго време велам дека консензусот во Советот во повеќето случаи е лоша идеја, затоа што многу големи работи се блокирани поради само една земја членка која што консензусот го користи поради некои свои интереси. Мислам дека гласањето со апсолутно мнозинство би било прифатливо и тогаш, на пример, ќе немаше блокада на европскиот буџет само поради гласот на авторитетен владетел заради кого страдаат милиони граѓани. Исто е и со прашањата за санкции кон други земји каде им дозволивме на десничарските лидери да блокираат огромни проекти со што ги уценуваат и другите земји. Премиерот Заев рече: дајте ни датум, а после Бугарија може постојано да не блокира низ 35-те поглавја, дали е потребно менување според вас на начинот на одлучување со консензус во ЕУ, а процесот на проширување по предлогот на Франција стана реверзибилен. - Идејата не би била лоша, бидејќи исто како и за другите земји од Западен Балкан. Напредокот на секоја земја треба да се гледа посебно, одделно, затоа што ситуацијата во земјите е различна и реформите се различни. Нема потреба една земја да губи денови, месеци или години затоа што другата напредува побавно или обратно. Сите земји во регионот треба да се поддржуваат во реформите и да работат заедно за зајакнување на економијата и соработката, за забрзувањето на реформите и да споделуваат добри примери, но тоа не значи дека граѓаните треба да страдаат поради тоа што друга земја во регионот не напредува по истиот пат. Што мислите вие дали треба раздвојување на Македонија и Албанија од пристапниот процес? - Процесот на проширувањето и она што се бара од земјите кандидатки станува се потешко и потешко. Јас дури и мислам дека некои земји кои што се веќе во ЕУ според овие критериуми немаше да влезат. Се разбира, Европската Унија е создадена врз принципите на плурализам и единство во различностите, но повторувам дека билатералните историски прашања треба да бидат само билатерални. Европската Унија би добила многу со членството на богатото културно и историско наследство на земјите од Западен Балкан. Европската Унија покажува непринципиелност за идентитетски прашања, иако вели дека ја почитува разноликоста, а сега се бара и се поставува услов индиректно од земја членка - јазикот, историјата, идентитетот - нешто кое не го  примениле за ниту една земја кандидат. - Мислењата се разликуваат, како и ставовите на политичките групи. Некои бугарски европратеници ги промовираат домашните прашања и тука, но има голем број на искрени пријатели на Северна Македонија кои сметаме дека овие уцени се претерани и неприфатливи. И тој број е доволно голем. Всушност, какво е мислењето на европратениците за она што се бара од Македонија, а е недозволиво. Некои бугарски европратеници како Ковачев и Џамбаски испраќаат преку социјалните мрежи навреди и омаловажувања кон македонскиот народ. Зошто ова се толерира од Брисел и како на ова гледаат другите европратеници? - Навистина е тажно тоа што се прави, затоа и праќаме и писма до бугарската делегација во ЕУ. Постојат критични гласови за тоа од Брисел, но исто така треба да видите дека политичарите дома со тоа собираат евтини политички поени, бидејќи за жал во многу европски земји преку национализам, манипулација со историјата и предизвикување на страв се добиваат гласовите на гласачите. Се појавија повеќе нон-пејпери како документи за менливост на границите, првиот беше испратен од Словенија како пробен балон, но никој не го прифаќа татковството за тој документ. - Сето тоа со нон-пејперот беше како некој вид сапуница. Никој не знае што е тоа точно, каде е испратено, а ни дали навистина го има. Важно е дека овие идеи наидоа на осуда од сите нивоа затоа што таквиот пристап не е изграден врз европските вредности на плурализмот и демократијата. Прекројувањето на границите во 21-от век е опасна мисла и навистина жалам што некој, било кој, очигледно одвоил време за да направи ваков национален или етнички инженеринг затоа што тоа носи само дополнителен страв во регионот, а луѓето секако се веќе доволно под стрес. Реформи и економија – ајде да разговараме за тоа, а не за религијата и границите, тоа е сулудо. Наскоро вашата земја Словенија ќе го преземе претседателството со Советот на ЕУ, дали мислите дека е можен напредок во однос на Македонија, односно одржување на првата Меѓувладина конференција, ако за тоа се постигне согласност за време на португалското претседателство. - Западниот Балкан ќе биде во фокусот на словенечкото претседателство и сигурна сум дека Словенија ќе се вклучи во ова прашање и силно ќе лобира за целиот Балкан. Само се надевам дека актуелната влада нема тоа да го користи за некои свои, внатрешно-политички или партиски интереси. Не знам што ќе се случи во меѓувреме, но знам дека реформите не зависат само од Европската Унија, туку и од земјите од Западен Балкан и искрено се надевам дека тоа ќе биде наградено и дека големи чекори за регионот ќе се случат за време на словенечкото претседателство, затоа што луѓето од Западен Балкан заслужуваат подобар живот. Тони Гламчевски

Остани поврзан