• четврток, 20 февруари 2025

Организации за заштита на човековите права соопштија дека во Иран минатата година се погубени рекордни 975 луѓе

Организации за заштита на човековите права соопштија дека во Иран минатата година се погубени рекордни 975 луѓе

Техеран, 20 февруари 2025 (МИА) - Минатата година во Иран беа егзекутирани рекордни 975 луѓе, јави ДПА, повикувајќи се на организации за заштита на човековите права.

Тие ова го опишаа како „ужасна ескалација во примената на смртната казна“.

Податоците покажуваат зголемување од 17 отсто во однос на претходната 2023 година, кога егзекуциите беа 834, според информациите од годишниот извештај на организацијата за заштита на човековите права „Човековите права во Иран“ со седиште во Осло и организацијата со седиште во Франција „Заедно против смртната казна“.

Ова е, исто така, најголемиот број на егзекуции што групата „Човековите права во Иран“ ги регистрирала откако почна да води статистика во 2008 година.

„Смртната казна станува оружје и алатка против луѓето кои се ранливи и слаби, обично од маргинализираните заедници“, рече поранешен известувач на ОН за човекови права во Иран.

Повеќето од егзекуциите во 2024 година, од кои поточно 503, биле за обвиненија поврзани со дрога, велат организациите. Обвиненијата за убиства сочинуваат 43 отсто од случаите на смртна казна во земјата.

Три проценти од егзекутираните се обвинети по спорни прашања, како што се „почнување војна против Бог“ или „вооружен бунт“, а два отсто вклучуваат силување или сексуален напад.

Според извештајот, има „голем пораст“ на бројот на регистрирани егзекуции по претседателските избори и инаугурацијата на Масуд Пезешкијан за ирански претседател во втората половина на 2024 година. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан