• недела, 22 декември 2024

Иран го претстави својот дрон со долг дострел Мохаџер-10 на воена изложба во близина на Москва

Иран го претстави својот дрон со долг дострел Мохаџер-10 на воена изложба во близина на Москва

Москва, 12 август 2024 (МИА) - Иран го претстави својот дрон со долг дострел Мохаџер-10 на изложба на воена опрема во Русија.

САД го обвинија Техеран дека ја снабдува Москва со беспилотни летала, вклучувајќи го и претходниот модел Мохаџер-6, за кој Вашингтон вели дека руските сили го користеле во инвазијата на Украина. Иран ги негира овие обвинувања.

Иранската државна новинска агенција ИРНА соопшти дека понапредниот систем бил претставен на Меѓународниот воено-технички форум на Армијата 2024 година. Тридневниот настан беше отворен денеска во конгресниот и изложбен центар „Патриот“ во близина на руската престолнина.

Мохаџер-10 беше претставен додека Блискиот Исток се подготвува за одмазднички напад Иран му се закани на Израел поради атентатот на лидерот на политичкото крило на Хамас Исмаил Ханија на 31 јули во Техеран.

Иран објави детали за новиот дрон во август минатата година. Тогаш беше посочено дека Мохаџер-10 има оперативен дострел од 2.000 километри, времетраење на летот до 24 часа и носивост до 300 килограми.

Иранските медиуми објавија видео од Мохаџер-10 и друго оружје, а снимката е придружена со текстот „подгответе ги вашите скривалишта“ напишан на хебрејски и персиски јазик. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан