Иранските пратеници бараат стриктно почитување на Законот за хиџаб
- Повеќе од половина ирански пратениците ја обвинија судската власт дека не го спроведува Законот за задолжително носење хиџаб, иако сè повеќе ирански жени одбиваат да носат марама
Техеран, 2 декември 2025 (МИА) – Повеќе од половина ирански пратениците ја обвинија судската власт дека не го спроведува Законот за задолжително носење хиџаб, иако сè повеќе ирански жени одбиваат да носат марама.
Дури 155 од вкупно 290 пратеници испратија писмо до претседателот на Парламентот, наведувајќи дека „судството не може да биде пасивно“. Тие предупредија дека недоволната контрола врз спроведувањето на Законот води кон „голотија, непочитување на хиџабот и други неморални дела“. Во Иран, терминот „голотија“ често се користи за да се опише облеката што се смета за несоодветна.
Од Исламската револуција во 1979 година од жените во Иран се бара целосно да ја покријат косата во јавност. Сепак, во големите градови, особено во Техеран, многу жени излегуваат без хиџаб.
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан минатата година одби да го потпише законот донесен од Парламентот за значително зголемување на казните за жените што не носат хиџаб. Пезешкијан, откако ја презеде функцијата во јули 2024 година, инсистира дека жените не треба да бидат принудени да носат хиџаб, што предизвика критики од свештениците и конзервативните кругови, кои го осудуваат „западното влијание“ врз жените.
Дебатата за хиџабот се интензивираше по смртта во 2022 година на Иранката со курдско потекло Махса Амини. Таа беше уапсена од така наречената Иранска морална полиција за наводно кршење на законот за задолжително носење хиџаб, а почина во притвор три дена подоцна. Нејзината смрт предизвика масовни протести низ целата земја, што брзо ескалираа во повици за соборување на иранските власти. Според групите за човекови права, во судирите меѓу демонстрантите и иранската полиција загинаа повеќе од 500 луѓе, а над 22.000 беа приведени. ми/ссм/
фото: МИА архива