• недела, 22 декември 2024

Инфраструктурни зафати за отпорност од поплави во Полошкиот регион со помош на швајцарската Влада

Инфраструктурни зафати за отпорност од поплави во Полошкиот регион со помош на швајцарската Влада
Тетово, 1 април 2022 (МИА) - Во центарот на општинскиот центар Боговиње започнаа градежни работи за санација на 1,2 километри дел од Боговињска река, дел од проектот со странски донации за подобрување на отпорноста од поплави во Полошкиот регион. Чистење на речните корита и нивна санација ќе се прави во сите девет полошки општини, при што целта е управување на ризиците, а не со последиците од природните катастрофи. Проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“ е финансиран од Амбасадата на Швајцарија, а имплементиран Програмата за развој при Обединетите Нации УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и општините од Полошкиот регион. Швајцарската амбасадорка, Вероник Улман на денешниот настан во Боговиње истакна дека Северна Македонија, слично како и нејзината земја, се држави изложени на ризици од катастрофи, особено од поплави и затоа е важна превентивата. - Полошкиот регион, како најизложен во земјата, во минатото се соочи со трагични поплави кои во 2015 година однесоа човечки животи, уништија патна инфраструктура и куќи и имоти“ „Овие трагични настани ги покажаа слабостите на системот за управување со поплави, неефикасната координација меѓу институциите, несоодветната легислатива и слабиот систем на рано предупредување. За подобрување на овие состојби во 2017 година го почнавме овој проект, со цел да развиеме интегриран систем за управување со поплавите и други катастрофи, изјави амбасадорката Улман. Задоволство од тоа како се одвива реконструкцијата на речното корито на Боговињска река изрази постојаниот претставник на УНДП. - Оваа комплексна операција ќе заврши кон крајот на годината и ќе ја подобри отпорноста на заедницата кон поплави, а на жителите на Боговиње ќе донесе одржлив општествен и економски раст. Заедно со донаторите и партнерите работиме на интегриран пристап за пдообрување на отпорноста на Полошкиот регион кон поплави и други катастрофи, помагаме во изработка на планови и работиме на инфраструктурни проекти во деветте општини кои претрпеа сериозни штети во поплавите од минатите години, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини порача дека не можеме да го спречиме доаѓањето на поплавите, но можеме да се подготвиме што подобро за да ги минимизираме штетите. - Со помош на донаторите, Министерството за животна средина и Владата прават максимални заложби да им помогнат на општините да ги зајакнат капацитетите за заштита од поплави. Идната недела ќе почнат и градежните работи за спроведување на мерки за структурна и биоинженерска заштита од поплави во село Шипковица во Општина Тетово, за кои Министерството за животна средина и просторно планирање обезбедува кофинансирање од 49 отсто од вкупниот износ, изјави министерот Нуредини. Градоначалникот Бесник Емшиу рече дека Боговиње како центар на рурална општина во чија средина поминува реката ќе има помалку опасност од поплави. - Ова е значаен ден за општина Боговиње. Санацијата на реката која минува низ центарот на општината за жителите ќе донесе поголема безбедност, заштита на животите и имотите во случај на поплави, но и нормално секојдневно функционирање како одење на работа, на училиште, на лекар или извршување на земјоделски активности, рече Емшиу. Со цел воведување на систем за интегрирано управување со поплавите и други ризици (свлечишта, одрони, порои) согласно современите светски искуства обезбедени се 12 милиони франци од Швајцарската влада.ас/фф/

Остани поврзан