• петок, 05 јули 2024

Столевски за МИА: Преку филмовите се обидувам да ја доловам сегашната реалност, без вакви уметнички дела остануваме анонимни во светот

Столевски за МИА: Преку филмовите се обидувам да ја доловам сегашната реалност, без вакви уметнички дела остануваме анонимни во светот

Битола,  28 септември 2023 (МИА) - При создавањето на филмот најважно ми е емоционалното искуство. Во „Домаќинство за почетници“ важно ми беше да почнеме да размислуваме какво чувство во нас буди семејството, особено семејство кое не доаѓа од биолошкиот аспект, вели во интервјуто за МИА Горан Столевски, режисер на овој македонски филм, со чија премиера годинава во Битола официјално беше отворено 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

„Домаќинство за почетници“ на 6 септември имаше светска премиера во Венеција, а исто така годинава е и македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.

Филмот „Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.

Горан Столевски во интервјуто за МИА посочи дека реакциите беа позитивни по премиерното прикажување на филмот во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“ на 23 септември во Битола.

-Реакциите што стигнуваат до мене по проекцијата на филмот се секогаш позитивни, а тоа е нешто што го ценам и почитувам. Нов е филмот. Новороденче е, и уште сум чувствителен околу овој филм. Мислам дека се уште не сум подготвен за негативните реакции, вели Столевски.

Најголем успех за него, како што потенцира, е проекцијата на филмот на фестивалот во Венеција.

-Венеција е нешто огромно за мене како настан. Тоа за мене е како да одам во црква. Филмот ми е религија, а Венеција е црквата, додава Столевски.

Во однос на тоа кој е најдобриот начин нашите филмови да станат признаени и ценети во светот, Столевски смета дека како држава треба да произведуваме што поавтентични и поинтересни приказни кои во светот ќе не претставуваат на автентичен начин.

-За мене главната причина што снимам филмови е преку филмовите да ја доловам секојдневната, сегашна реалност. Да се обидам тоа чувство да го пренесам во светот, за да знаат луѓето дека постоиме како Македонци, но и како Роми, како Албанци, и во Македонија, но и надвор од Македонија. Сметам дека без вакви уметнички дела, едноставно остануваме анонимни во светот, посочува Столевски за МИА.

Филмот се снимаше лани во Скопје, а играат Сара Климоска, прочуената романска актерка Ана Марија Маринка и Романката Алина Шербан, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим, Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и други професионални и непрофесионални актери од Македонија.

Продуцентка на филмот е Марија Димитрова од „Лист продукција“. Постпродукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.

Со премиера на филмот „Домаќинство за почетници“ оваа година официјално беше отворено 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Со какви импресии се стекнавте за време на отворањето на фестивалот?

-Имав исклучително позитивни импресии, сите убаво си поминавме на отворањето на фестивалот. Присуствував заедно со мојата филмска фамилија, но и фамилијата од Тетово и навистина се чувствував исполнето додека го гледав филмот.

Ми се допадна проекцијата на филмот во Битола и мислам дека овој пат бев малку поопуштен, за разлика од премиерата во Венеција. Се почувствував како првпат да го доживеав филмот.

Го гледав филмот со очите на публиката. Ми беше убаво искуството и се надевам дека и на другите им беше така. Реакциите што ги добив лично по завршувањето на проекцијата беа убави.

Филмот ќе има проекција и во „Синеплекс“ во Скопје за три недели и ќе видиме како ќе реагира и пошироката публика.

„Домаќинство за почетници“ на 6 септември имаше светска премиера во селекцијата Хоризонти на филмскиот фестивал во Венеција. Може ли да ни споделите дел од импресиите, каква оценка доби филмот од тамошните филмски професионалци?

-Венеција е нешто огромно за мене како настан. Тоа за мене е како да одам во црква. Филмот ми е религија, а Венеција е црквата.

Едноставно посебна е атмосферата таму, интересно е да се види со каква страст и почит луѓето собрани од цел свет ги гледаат филмовите и се обидуваат да откријат нови филмови. 

Таму може да се види публика која има високи стандарди за филмовите, но при прикажувањето на секој филм влегува со отворен и љупобитен дух. Чест, задоволство и привилегија е мојот филм да игра пред таква публика. На фестивалот присуствуваат и професионалци од различни филмски индустрии.

Реакциите што стигнуваат до мене по проекцијата на филмот се секогаш позитивни, а тоа е нешто што го ценам и почитувам.

Нов е филмот. Новороденче е, и уште сум чувствителен околу овој филм. Мислам дека негативните реакции се уште не сум спремен да ги добијам.

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ денеска ќе ја има својата светска премиера со почеток од 17 часот, на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција. Филмот е во режија и по сцена

Генерално, искуството беше убаво. Можам да кажам дека ми се оствари сонот после многу години, мојот долгометражен филм да игра во Венеција на биенале.

За важноста на „Домаќинство за почетници“ говори и фактот што истиот годинава е македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“. Која беше водечката инспирација при создавањето на филмот?

-При создавањето на филмот најважно ми е емоционалното искуство. Инспирацијата за филмот првпат ја добив во моментот кога видов слика на еден мој колега кој што живеал во Мелбурн во 70-тите години, во една слична квир заедница, како онаа што се прикажува во филмот.

Тој бил приморан да живее во ваква заедница, но мене атмосферата во таа слика ми беше многу интересна и убава. Сакав и јас да живеам во таа куќа.

Па така, дојдов до идеја да создадам таква куќа, со таква динамика во која што ќе живееме. Важно ми беше публиката, односно гледачот додека го гледа филмот да се чувствува како да сака да биде таму, и во куќата и во Шуто Оризари. Целта беше да го осознаат тоа чувство и да им стане интересно, да има некакво влијание врз нив на некој начин, да се чувствуваат како да ги знаат овие луѓе кои што живеат таму.

Една од моите омилени режисерки на документарен филм ми рече дека филмот „Домаќинство за почетници“ го доживеала како документарен филм. Ова за мене беше највисок комплимент што можам да го добијам, затоа што сакав гледачот на филмот да се чувствува дека е во некоја реалност, во реална средина, во која живее со овие луѓе и создава фамилијарна врска со нив.

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција - Скопје ќе биде дистрибуриран на територија на САД, преку компаниј

Истовремено, целта ми беше да почнеме да размислуваме и за тоа какво чувство во нас буди семејството или фамилијата, особено ако не доаѓа од биолошки аспект, и какви предизвици ни создава.

По што може да го издвоите овој филм од вашите претходни филмски остварувања?

-Како прво, конечно после многу години снимам во Македонија. Зборувам за долгометражен филм, снимив краткометражен филм претходно.

Мислам дека во дел од моите филмови може да се забележат одредени сличности, што можеби уште повеќе ме радува. Работам со различни екипи на три различни филма во три различни држави, а сепак мислам дека и во претходните мои филмски остварувања може да се долови тој момент на прикажување на фамилијарна атмосфера, но сепак во „Домаќинство за почетници“ таа атмосфера беше многу поинтензивно изразена, се прикажува некој максимум на блискост која ја почуствувавме сите ние како екипа, и тоа е тоа што ќе ми остави најголем впечаток во однос на создавањето на овој филм.

Исто така, незаборавен момент ми се и новите пријателствата кои ги создадов со екипата, со актерите од филмот. Тоа е и она што најмногу ми се допаѓа во оваа професија, што ти отвора можност да се запознаеш со луѓе кои што никогаш не би ги запознал во секојдневниот живот и посетуваш места кои никогаш не би ги посетил. Токму тоа е она што му дава посебно значење на животот.

Пријателствата што ги стекнав за време на создавањето на овој филм се уникатни за мене.

Какво чувство покажуваат големите европски имиња за македонските филмови? Сметате ли дека заслужуваме повисока признаеност?

-Комплициран е светот, не само кон Македонија туку кон сите држави каде што англиски или француски не е главниот јазик. Јас лично не можам да се пожалам за тоа како се примени моите филмови во странство.

Но, мислам дека треба многу повеќе да се бориме како Македонци за да бидеме забележани. Ова истото го мислам и за Србите, Албанците, како и за многу други држави, зато што тоа што се бара не само на пазарот туку и од страна на критиките е дека многу често гледаат каде се филмските ѕвезди, кои пак заради структурата или индустријата се речиси секогаш Американци или Британци, но тие не се секогаш најдобрите уметници.

Не е добро тоа што секој филм на странски јазик се третира како да е хендикеп. Наместо да се смета за богатство, се смета за хендикеп.

Но, мислам дека светот секогаш бил комплициран и веројатно ќе остане таков.

Таква е реалноста, исто како во филмот. Постои една реалност која ни создава различни проблеми, различни падови кои мора да ги надминеме. 

Секој филмаџија пак, треба да размисли како и на кој начин неговиот филм би можел да стигне до најразличната публика и истиот да се запамети, да остане во сеќавањата на гледачите.

За мене главната причина што снимам филмови е преку филмовите да ја доловам реалноста. Секојдневната, сегашна реалност и да се обидам тоа чувство да остане, за да знаат луѓето дека сме постоеле како Македонци, но и како Роми, како Албанци, и во Македонија, но и надвор од Македонија, затоа што без вакви уметнички дела едноставно остануваме анонимни во странството.

Мислам дека се повеќе македонски филмови, како на пример „Медена земја“, помагаат во ова, да станеме помалку анонимни во светот.

Дури и забележувам во последните три години во странство, кога ќе ме прашаат од каде сум и ќе им речам Македонија, сега знаат каде е тоа, знаат дека е нешто конкретно, не станува збор за некој митски концепт.

Сметам дека треба да произведуваме што поавтентични и поинтересни приказни, најпрвин заради нас самите, да не се прилагодуваме кон светот, затоа што приказните прво треба да функционираат за нас. Дури потоа, кога ќе си прикажуваат во странство да не претстават на автентичен начин.

Бисера Трајковска

Фото МИА, МИА Архива

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан