• петок, 22 ноември 2024

Јовановска за МИА: Потребна поголема поддршка на квалитетните мали издавачки куќи и на поетски фестивали за младите автори

Јовановска за МИА: Потребна поголема поддршка на квалитетните мали издавачки куќи и на поетски фестивали за младите автори

Скопје, 5 август 2023 (МИА) - Државата треба да им обезбеди повеќе простор на младите уметници кои се занимаваат со поезија, преку давање поголема поддршка на квалитетните мали издавачки куќи, но и преку поттикнување на нови креативни центри кои се слободен простор за уметниците. Верувам дека сеопфатна и квалитетна национална стратегија за култура директно ќе рефлектира и на ова поле и ќе предизвика поддршка на новиот книжевен бран во земјава, вели во интервју за МИА поетесата Ивана Јовановска, која минатиот месец се претстави на 26. издание на интернационалниот поетски фестивал LeseLenz во Германија.

Јовановска на фестивалот, кој се одржа во Хаусах, беше најавена како авторка на номадизмот/авторка во движење, а учествуваше заедно со 30-ина поети од Германија, Австрија, Чешка, Бугарија, Турција, САД, Ирак, Словенија, Белорусија, Франција и од Грузија. Учествуваше со песни од стихозбирката „На ракавот на градот“. 

-Ова искуство не само што ми овозможи вмрежување со одлични автори од Европа, туку и ми помогна во промоцијата на мојата работа и мојата поезија. Искрено се надевам дека ова е само почеток на едно прекрасно книжевно патување, потенцира Јовановска во интервјуто.

Дел од песните од стихозбирката  „На ракавот на градот“ се преведени и издадени во поетски буклет на германски јазик, благодарение на платформата „Версополис“ и нивната соработка со Струшките вечери на поезијата.

Во меѓувреме, издавачката куќа „ПНВ Публикации“ ја најавува нејзината втора стихозбирка „Номадски затвори“, што треба да биде објавена во септември.

Таа за МИА објаснува дека со поезијата се занимава од кога знае за себе. Според младата поетеса, читањето и пишувањето се најпријатна форма за комуникација со светот и изразување, а се поврзани со љубовта кон книгите која доаѓа од нејзината мајка.

-Поезијата, со текот на моето растење почнав да ја разбирам како можност, својата чувствителност и креативност да ги насочам, да им дадам некаква смисла која ќе ме прави мирна и задоволна, или како канал преку кој се изразувам и успевам да го балансирам она што ме мачи. И јас како и многу други млади луѓе растам во предизвикувачко време, во контекст кој ме тера да го промислувам подлабоко тоа што го живеам. Стихот најдобро ми овозможува овие полемики во главата да ги изнесам јасно пред себе, ме ослободува и истовремено има една терапевтска улога за мене, посочи Јовановска.

На прашањето можеме ли како држава да се пофалиме со квалитетни поетски фестивали, Јовановска го посочува интернационален поетски фестивал „Skopje Poetry Festival“, за кој смета дека е од огромно значење за книжевната сцена во државава.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Деновиве учествувавте на 26. издание на Интернационалниот поетски фестивал LeseLenz во Хаусах, Германија, со песни од стихозбирката „На ракавот на градот“. Може ли да кажете нешто повеќе за фестивалот и кои се вашите импресии од учеството? 

- Станува збор за поетски фестивал кој го доживеа неговото 26 издание и секоја година промовира исклучителни поетски имиња во прекрасниот Хаусах, Германија. За мене беше првото интернационално поетско искуство надвор од Македонија кое не само што ми овозможи вмрежување со одлични автори од Европа, туку и ми помогна во промоцијата на мојата работа и мојата поезија.

Бев навистина почестена со реакциите од тамошната публика, можноста моите стихови да допрат до читателите на три јазици, но и воопшто, интересот за литературата кој ме пленеше тие неколку дена. Исклучително сум благодарна за поканата од поетската платформа Версополис, како и поддршката од Струшките вечери на поезијата и мојата матична издавачка куќа ПНВ Публикации. Искрено се надевам дека ова е само почеток на едно прекрасно книжевно патување.

Несомнено станува збор за многу значаен поетски фестивал. Можеме ли и ние како држава да се пофалиме со квалитетни поетски фестивали?

- Со моето скромно искуство како млада авторка не чувствувам дека можам да дадам конкретен став околу ова, но можам да споменам дека се радувам што главниот град конечно доби интернационален поетски фестивал – Skopje Poetry Festival, што навистина му недостасуваше на градот и го подготвува прекрасна екипа.

Сметам дека е од огромно значење за книжевната сцена во државава и дека ќе предизвика големи поместувања во иднина. Покрај него, морам да ја споменам Поетска ноќ во Велестово како еден важен книжевен настан кој излегува од каноните на она што е веќе видено, па до читателите ја доближува поезијата на сосема нови нивоа, во прекрасното Велестово. Организацијата на Поетска ноќ во Велестово и на Скопски поетски фестивал ми дава надеж дека кај нас има прекрасни луѓе и уметници кои навистина сакаат да ја актуализираат поезијата преку овој тип на настани. Секако, не би го заборавила и нашиот најстар поетски фестивал Струшки вечери на поезијата кој зазема исклучително важно место на поетската сцена кај нас. 

Кој беше пресудниот момент да почнете да се занимавате со пишување поезија. На колку години „се роди“ вашата прва песна?

- Мислам дека немало некаков пресуден момент во кој го имам одлучено тоа, затоа што откако знам за себе, читањето и пишувањето ми биле најпријатна форма за комуникација со светот и изразување и се поврзани со љубовта кон книгите која доаѓа од мајка ми.

Поезијата, со текот на моето растење почнав да ја разбирам како можност, својата чувствителност и креативност да ги насочам, да им дадам некаква смисла која ќе ме прави мирна и задоволна, или како канал преку кој се изразувам и успевам да го балансирам она што ме мачи. И јас како и многу други млади луѓе растам во предизвикувачко време, во контекст кој ме тера да го промислувам подлабоко тоа што го живеам. Стихот најдобро ми овозможува овие полемики во главата да ги изнесам јасно пред себе, ме ослободува и истовремено има една терапевтска улога за мене. 

На што најмногу како држава треба да го свртиме вниманието за да им дадеме повеќе простор на младите уметници кои се занимаваат со поезија?

- На поголема поддршка на квалитетните мали издавачки куќи, кои преку објавувањето на одлични автори директно влијаат на она што младите го читаат, а со тоа и на тоа што го пишуваат. Понатаму, поттикнување на нови креативни центри кои се слободен простор за уметниците и место каде можат слободно да се изразуваат, но и поголема поддршка на поетските фестивали кои треба да се отворат повеќе за младите автори. Ова се само неколку од работите што ми доаѓаат во глава, но, во суштина верувам дека и сеопфатна и квалитетна национална стратегија за култура директно ќе рефлектира и на ова поле и може да предизвика поддршка на новиот книжевен бран во земјава.

Која е вашата најголема инспирација, односно од каде ја црпите креативноста при пишувањето?

- Во последните година и половина патувам, а околу осум месеци живеев во Шпанија и сфатив дека константното движење и поетиката на просторот ми се најголема опсесија во овој период од животот. Така настана и мојата дебитантска стихозбирка „На ракавот на градот“, која се занимава со прашања околу движењето, домот, разделбите.

Така се создаде и мојата втора книга која излегува наскоро, која ја пишував на неколку места низ Европа. Контактот со светот, со она што е различно и друго, но и можноста да се биде во најтесна врска со себе преку релациите со другите, во моментов цврсто го поврзувам со патувањата и со слободното заземање нови простори кои можеме и сакаме да ги трансформираме во дом.

Да се биде слободен во изборот на својот дом и неговата безбедност, за жал во моментов е привилегија. Не би можела да заборавам на огромен број на луѓе низ целиот свет кои страдаат во потрага по своето засолниште и мир. Оттаму, прашањата за движењето и слободата секогаш ги носам со себе кога патувам и пишувам.

Во најава е вашата најнова збирка поезија која треба да излезе од печат во септември. Што можеме да очекуваме од збирката? 

„Номадски затвори“, мојата втора стихозбирка е збирка за љубовта кон луѓето кои се до нас, но и за оние кои веќе ги нема, можностите на грижата и чувствата додека сме далеку од нашите засолништа. Сакав да пишувам за она што нè ослободува но и нè држи затворени во самите себе додека сме далеку, некаде каде се обидуваме да се запознаеме себеси подобро, да заборавиме или пак да се помириме со некои работи кои се дел од нашиот живот. И во оваа смисла, смртта, љубовта и номадизмот се клучните теми со кои се занимавав периодов и ги поврзав меѓусебно.

Оваа збирка особено ми значи бидејќи автентично живеев низ тоа што го пишував, со секое збогум кое го имам кажано во последните две години. Некои од нив се последни поздрави со тежина која останува засекогаш, некои, географски збогувања кои сепак содржат надеж.

Некои заминувања пак се конечни, едноставно морале да се случат и прифатат, тие подоцна откриваат една посебна убавина во можноста да се замине од некого или нешто. Додека ја пишував оваа збирка ги рефлектирав сите овие видови разделби и растев со нив, стекнувајќи нов вид на слобода за себе.

Бисера Трајковска

Фото: Приватна архива на Ивана Јовановска / Мила Старделова

Остани поврзан